Проектот за културна соработка „Некои нè нарекуваат Балкан“ објавува отворен повик за уметници со општествено ангажирана пракса.
„Некои нè нарекуваат Балкан“ (НННБ) претставува колективен обид за истражување на можностите за нови поимања за Балканот низ уметнички истражувачки практики.
Тимот на НННБ го сочинуваат шест организации од Западен Балкан и две од Западна Европа. Заедно, преку негување на колективна пракса, се стремат да создадат простор во кој уметниците, истражувачите/чките, културните работници/чки и заедниците од балканскиот регион ќе ги воспостават своите гласови и идентитети како субјекти од Балканот и условите во кои размислуваме и зборуваме за Балканот.
„Една од целите кои ги поставивме во овој проект е разобличување на митовите и заблудите за Балканот. За нас, проучување на балканскиот контекст вклучува соочување со проблеми кои настануваат како последица на неодамнешната историја на регионот, теми кои многумина од нас би ги одбегнале, наследените конфликти, националистичката реторика, економската нестабилност и неправедната распределба на моќ и ресурси. Затоа мораме да запомниме дека оваа работа е вкоренета во потребата одново да се проценат параметрите во кои Балканот досега бил набљудуван, перцепиран, врамуван и истражуван“, стои во повикот.
Избраните осум уметници со искуство од различни уметнички дисциплини ќе работат колаборативно, солидарно и посветено во сите фази од процесот.
„Ги охрабруваме да се пријават сите уметници од Северна Македонија, кои што: ги разбираат предизвиците и комплексноста на општествено ангажираната уметничка пракса, се отворени за учество во колективен креативен процес имаат интерес или претходно искуство со партиципативни уметнички практики, се чувствуваат подготвени да ги доведат своите проекти до финална форма, вклучувајќи ја и продукциската фаза се достапни да се посветат во текот на целосното времетраење на подолу назначениот период, во рамки на соодветната динамика за секоја од трите фази“, се вели во повикот.
Проектот е замислен во три фази:
Mај 2022 — едномесечна резиденција во Бања Лука (Босна и Херцеговина) во просторот на културно-социјалниот центар ДКЦ Инцел. Уметниците, заедно со локални и меѓународни експерти, куратори и локалната заедница во градот, ќе работат на создавање на програмата на патувачкиот форум што ќе следи, повикувајќи се на методологијата и уметничките истражувања создадени досега во проектот, како и спецификите на секоја од локациите-станици на рутата на патувањето.
15 септември – 15 октомври 2022 — едномесечно патување низ Балканот со неколкудневно запирање во секоја од шесте балкански држави, каде што се лоцирани партнерите. На секое од овие запирања, уметниците ќе ја спроведат претходно креираната програма на патувањето, замислено како патувачко театарско дело, во кое протагонисти ќе бидат колективот на уметници, локалните организации и вклучените заедници.
Ноември 2022 – март 2023 — Период во кој уметниците, по завршувањето на патувањето, ќе бидат поддржани во продуцирање на сопствено уметничко дело кое ќе биде изложено на финалната изложба на НННБ во Приштина, во просторот на социјалниот центар Термокис.
Повеќе информации за пријавување се достапни на следниот ЛИНК. Формуларот за пријавување е на истата страница под: Open Call [North Macedonia]
Краен рок за пријавување: 15 јануари 2022 година.
Висина на хонорар за уметникот/цата: вкупно 2400 евра, од кои 1000 евра се за учеството во резиденцијата во Бања Лука, 1000 евра за фазата на патување и 400 евра продукциски буџет за финалното уметничко дело за изложбата во Приштина.
Партнерска организација од Северна Македонија е Социопач – Платформа за граѓанско дејствување преку културни и уметнички практики, основана во 2017 година.
Тоа е платформа чија примарна цел е гаење уметнички и кулурни практики кои третираат општествено релевантни теми, особено теми поврзани со граѓанското учество, уметничкото истражување, и менаџментот во културата. Нејзиниот тим се состои од млади професионалци од повеќе дисциплини, како изведувачки и визуелни уметности, социјален дизајн, софтверско инженерство, општествени науки и проектен менаџмент.
Секоја од осумте партнерски организации ќе го направи потесниот избор на апликанти од својата земја. Финалниот избор на осумте уметници ќе биде колективна одлука на сите НННБ партнери.