Во лондонскиот клуб „Hospital“ вчера беа соопштени имињата на музичарите кои се номинирани за најдобар албум на годинешната награда Mercury. Очекувано, меѓу кандидатите се албумот на David Bowie, „The Next Day“, како и новото издание на Arctic Monkeys, „AM“.
Листата на номинирани артисти ја дополнуваат: Rudimental со албумот „Home“, James Blake со „Overgrown“, Disclosure со „Settle“, албумот на Laura Marling, „Once I Was An Eagle“ и групата Foals, со изданието „Holy Fire“.
Меѓу 12-те номинации се најде место и за новиот албум на Jake Bug, како и за изданијата на Jon Hopkins („Immunity“), Laura Mvula („Sing To The Moon“), Savages („Silence Yourself“) и Villagers („Awayland“)
За многумина, изненадување е тоа што меѓу номинираните го нема албумот „If You Wait“ на London Grammar, кој беше главен фаворит за наградата во обложувалниците.
Наградата Mercury е основана во 1992 од страна на Британската фонографска индустрија, како алтернатива за Brit Awards, а како обид да се одбележат најдобрите изданија на годината на артисти од Обединетото Кралство и Ирска. Меѓу досегашните добитници се: Portishead, Pulp, Suede, Talvin Singh, Roni Size, M People, Claxons, The xx и PJ Harvey, меѓу другите.
Извор: nme.com