Јужна Кореја наскоро ќе започне пилот проект кој ќе вклучува употреба на вештачка интелигенција, програми за препознавање лица и илјадници камери за следење на движењата на луѓето заразени со коронавирусот, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Проектот кој земјата го финансира во Бучеон, еден од најнаселените градови во предградието на Сеул ќе профункционира во јануари, изјави градски функционер за „Ројтерс“.
Системот користи алгоритми за вештачка интелигенција и технологија за препознавање лица за да ги анализира снимките собрани од повеќе од 10.820 безбедносни камери и ги следи движењата на заразено лице, секој кој имал близок контакт со тоа лице, но и дали тоа лице носи маска, се наведува во планот на проектот изработен од Министерството за наука и информатичка технологија.
Јужна Кореја веќе има систем за следење на луѓе кој собира податоци за кредитни картички, локација на мобилни телефони и други лични информации.
Сепак, што се однесува на Ковид-19, во пракса тој сè уште се потпира на голем број епидемиолози кои мора да работат и 24-часовни смени за да ги следат и контактираат со потенцијалните носители на вирусот.
Властите на градот Бучеон затоа сметаат дека системот за следење ќе го направи тоа многу побрзо.
„Понекогаш потребни се часови за да се анализира една снимка од надзорните камери. Користејќи ја технологијата за препознавање лица, анализите би биле многу побрзи“, напиша градоначалникот Јанг Деог-Чеон на Твитер.
Системот не би морал да се потпира на сведоштвата на пациентите кои не секогаш ја кажуваат вистината, како што е случај сега, се наведува во проектниот план.
Јужнокорејските власти велат дека немаат намера да го прошират проектот на национално ниво.
Сепак, активистите и борците за човекови права се загрижени дека владата би можел да добие и користи податоци на луѓе не само за време на пандемијата.
„Владиниот план да стане голем брат користејќи го коронавирусот е тоталитарна идеја. Апсолутно е погрешно да се следи и контролира јавноста преку надзорни камери користејќи пари на граѓаните без нивно одобрение“, рече Парк Дае-чул, пратеник од главната опозициска партија.
Градските власти тврдат дека не постојат проблеми околу кршењето на приватноста бидејќи системот ги замаглува лицата на луѓето кои не се следат.