Романскиот министер за иновации и дигитализација, Флорин Роман, поднесе оставка откако новинари известија дека откриле големи нерегуларности во неговата биографија и нашле докази дека направил плагијат на научен труд.
Роман, кој беше дел од новата романска влада помалку од еден месец, се повлече од функцијата откако весникот Либертатеа објави трет текст во кој ги доведува во прашање неговите образовни квалификации. Министерот рече дека оставката ја дава за сомнежите да не се одразат на премиерот Николае Чука.
„Поднесувам оставка од министерското место. Кога белото станува црно, кога се` е погрешно протолкувано кога правиш материјални грешки, но и кога сте мета на линч од првиот ден на функцијата – тоа е премногу“, напиша Роман на социјалните мрежи по владината седница одржана синоќа.
Новинарите од Либертатеа го обвинија Роман дека извршил плагијат на дел од неговата магистерска теза, додавајќи дека не можеле да го лоцираат научниот труд од 2006 година кој политичарот го навел во својата биографија. Весникот исто така пишувал и за погрешни податоци во врска со универзитетот кој го завршил.
Министерот ги отфрлил овие обвиненија нарекувајќи ги кампања за негово деградирање.
Неколку високи политичари во Романија, меѓу нив и поранешни премиери, се обвинети за плагијати последниве неколку години.
Емилија Серчан, новинарка која истражувала десетици случаи на плагијати на високи функционери во земјата, објаснува дека фалсификувани научни трудови се ахиловата пета на политичарите.
„Лоша вест за политичарите – ако вашите богатства се засолнети, вашите „академски“ трудови се на полиците во библиотеките“, напиша Серчан на социјалните мрежи.
Романија на последниот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнал рангирана беше на 69-то место од 180 светски држави.