Пламенка Трајковска – гудачки квартет на 19 декември ќе реализира концерти за деца со класична музика со наслов „Музика и танц“. Концертите ќе се одржат во Дом на АРМ во Скопје со почеток од 11 и 13 часот.
На програмата се дела од познати класични композитори како Бокерини, Моцарт, Бизе и Хендел. Изборот на композициите се дела на кои во минатото се танцувало како менуети, валцери, танго и други композиции.
Во гудачкиот квартет покрај виолинистката Пламенка Трајковска ќе настапат и Сандра Крстевска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.
Пламенка Трајковска заедно со своите колешки како мали камерни состави досега реализирале голем број на концерти за деца со намера да ја доближат класичната музика до децата. Концертите за деца ги реализираа на концертни сцени во училишта и на отворени простори во Скопје, Ресен, Кичево и Дојран. На нивниот репертоар се концертите за деца со следните наслови: Гудачки квартет во наше маало, Моцартисимо, Музика и цртан филм, Што е тоа … гудачки квартет, Музика и танц и Карневалот на животните. Пламенка Трајковска го издаде и првиот македонски носач на звук со класична музика за деца ЦД „Карневалот на животните“ во адаптација за виолина и пијано и тоа успешно се пласира на најголемите дистрибутивни музички мрежи како Ајтунс и Амазон.
Концертот е во организација на Пламенка Трајковска – мали камерни состави и се реализира со поддршка на Министерството за одбрана. Билетите за концертите се продаваат преку дистрибутивните мрежи на Карти.мк и Купи карти за се.