Во Франција циркулираат 110.000 лажни сертификати за коронавирус, објави новинската агенција „Франс прес“, повикувајќи се на извори блиски до министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин, пренесува „Н1“.
„Имаше повеќе од сто апсења во 400 отворени истраги кои се отворија, откако сертификатите за Ковид-19 станаа задолжителни на некои места ова лето“, изјави Дарманин за телевизијата „Франс 2“.
Тие апсења се однесуваат и на корисниците на лажни ковид сертификати и на мрежата што ги продава, додаваат изворите.
„Проблемот со лажните сертификати е што тие често се издаваат во соработка со лекари или медицински сестри“, рече министерот, велејќи дека тоа е „тешко да се докаже“.
Веќе се донесени и затворски казни, пред се за имателите на овие сертификати, рече Дарманин, додавајќи дека казните можат да бидат и до пет години. Но, тој додаде дека се залага да се запрат истрагите против оние лица кои имаат лажни сертификати, но се подготвени да ги почитуваат правилата.
Според најновите податоци, повеќе од 3.000 пациенти се на одделенијата за интензивна нега низ Франција, а бројот може да достигне и до 4.000 за време на божиќните и новогодишните празници, предупреди претходно портпаролот на француската влада Габриел Атал.