При повторената постапка за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“ Струмица, согласно одлуката на Управниот суд, потврдено е првичното решение на Министерството за култура дека единствен кандидат кој повторно ги исполнил сите услови на јавниот оглас е поранешниот директор Васил Бубев кој беше разрешен, велат од Министерството за култура.
Постапката за избор на нов директор доаѓа откако Управниот суд претходно го поништи решението за избор на Бубев за директор на институцијата.
„Имајќи го предвид фактот дека кандидатките Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова Маннсбарт, и покрај укажувањето од Комисијата за селекција да ја достават потребната документација, тие тоа не го направиле. Поточно, едната кандидатка не доставила никаков дополнителен документ, а другата доставила сертификат кој што не соодветствува на меѓународно признаените сертификати утврдени во Законот за култура, предвидени во Јавниот оглас. Со тоа кандидатките повторно не ги исполнија условите на Јавниот оглас“, велат од ресорното министерство.
Дополнително, оттаму велат дека во извештајот на Државниот управен инспекторат е констатирано дека Бубев во периодот додека бил директор на институцијата ги прекршил член 10 од Законот за административни службеници и член 43 став 1 од Законот за вработени во јавниот сектор.
Од тие причини, министерката за култура, Ирена Стефоска одлучила да не избере директор од пријавените тројца кандидати сè до распишување на нов јавен оглас за избор на директор. Во меѓувреме, одговорно лице на установата останува в. д. директорот Слободан Ѓошиќ, додаваат од Министерството.
Претходно, Иницијативата „Култура или фис-култура“ која беше формирана поради одлуката за назначување на Бубев кој е професор за физичка организираше акции, протести, а исто така поднесе и претставка до Државната комисија за спречување корупција.
Истовремено, тие имаа средби и со министерката за култура, Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, како и средба во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.