Околу 22,8 милиони денари за воден надоместок не било уплатено на буџетска сметка од страна на операторите со мали хидроцентрали, поради пропусти во постапката за издавање на концесии, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот последен извештај што го објави денеска.
Спиред ревизорите, малите хидроцентрали не уплатиле 41% од вкупно пресметаниот воден надоместок. Станува збор за мали хидроцентрали од кои најголем дел добиваат субвенции од граѓаните за проивзодство на струја.
„Малите хидроцентрали лани произвеле само 4 проценти од вкупното домашно производство на струја, а од 2020 до 2021 за тоа добиле 90 милиони евра што е за 41 милион евра повеќе од пазарната вредност поради користење на законски предвидените повластени тарифи врз основа на договор со важност од 20 години, а на товар на крајните корисници“, открива ревизијата.
Покрај тоа ДЗР открило дека при издавање на концесии за мали хидроцентрали воопшто не е правена процена на влијанието врз животната средина. Тоа предизвикува ризик врз животната средина, констатира ДЗР.
Хидроцентралите почнувале да работат и да користат вода без регулиран воден надоместок односно бесплатно со што е направена штета на буџетот.
Концесиите биле издавани и врз основа на застарени хидролошки податоци. А имало слабости и во склучувањето на договори за концесии поради несоодветното планирање на мали хидроцентрали.