Балканскиот институт за култура и хуманистички науки од Скопје оваа година, го започна проектот „Збор на годината“ кој се засновува на материјал од комуникацијата на македонски јазик.
Ова е прва ваква анализа која се однесува на македонскиот јазик, a проектот е предводен од лингвистот д-р Емил Ниами, кој со група помлади истражувачи во периодот од 1 ноември до 5 декември, извршиле комплетно истражување на достапниот материјал.
„Откако ја проучивме и целосно ја совладавме методологијата на анализата, пристапивме кон истражувањето. Заедно со помладите колеги поминавме многу часови во читање и во слушање, а потоа и во анализа на материјалот. Она што е несомнено важно е дека изборот е направен според критериумот на актуелност на лексиката, односно во изборот не влегува таканаречената секојдневна лексика без која е невозможно постоењето, а исто така и личните имиња и кратенките. Општо прифатената методологија ја приспособивме на македонскиот јазик и неговиот лексичко-граматички строеж, па оттаму сме сигурни дека и добиените резултати се релевантни и научно засновани“, објаснува Ниами, раководител на проектот.
При анализата на податоците се користени сите можни средства преку кои се пренесува информација на македонски јазик, односно, од традиционалните – радио, телевизија, весници и списанија, преку поновите – Интернет портали, сè до социјалните мрежи кои најчесто се користат во земјава (Фејсбук, Твитер, Инстаграм) и печатените и електронските реклами.
„Ова е прв ваков проект во нашата земја, што беше особен предизвик за нас. Една ваква операција, освен што подразбира стручност, изискува и познавање на напредните технологии при истражувањето, како и познавање на новите методологии на анализа на податоци. Иако лично јас на почетокот бев скептичен дека ќе дојдеме до конечен резултат заснован на научно заснована анализа, сепак стручноста на истражувачите предводени од д-р Ниами доведе до посакуваната цел – го имаме зборот на годината“, вели Дарко Несторов извршен директор на Балканскиот институт за култура и хуманистички науки.
Според анализата, топ-листата на петте зборови во македонскиот јазик за 2021 година, изгледа вака:
„Мошне очекувано од страна на колективот што работеше на лингвистичката анализа, овој збор се најде на првото место. Оваа лексема во текстовите, во информативните и во дебатните емисии, како и во Интернет-комуникацијата се сретнува со дури пет пати поголема зачестеност. Секако, тука треба да ги посочиме и зборовите вакцина и вакцинален кои исто така мошне често се употребувале кај говорителите на македонскиот јазик во 2021 година“, велат авторите на анализата.
„Уште еден збор кој е поврзан со пандемијата со КОВИД-19. Иако не беше очекувано дека ќе се најде токму на второто место, овој збор сосема логично високо котира, со оглед на тоа што самата вакцинација е поврзана со создавањето антитела. Лексемата најчесто ја среќаваме во извештаите во дебатни и едукативни програми, како и во Интернет-комуникацијата, особено на социјалните мрежи. Особено е интересно што од сите зборови поврзани со пандемијата со КОВИД-19 овој збор најчесто се употребува во рекламните изданија на Интернет-просторот на македонски јазик“, истакнуваат тие.
„Интернет, телевизиските, радио и печатените реклами го донесоа зборот акција на третото место по зачестеност. Интересно е што овој збор најчесто се користи во значење на „попуст“ (не е опишано во Толковниот речник на македонскиот јазик). Најчеста употреба на овој збор забележуваме во рекламните изданија, како печатени, така и електронски (телевизија, радио, Интернет). Со проширувањето на Интернет-продажбата, овој збор стана речиси задолжителен при секоја реклама на социјалните мрежи“, забележуваат авторите.
„Очигледно е дека лексиката поврзана со пандемијата со КОВИД-19 преовладува во списокот најчесто употребувани зборови во комуникацијата на македонски јазик. Зборот „протокол“ најчесто го сретнуваме во медиумите, додека многу поретко при комуникацијата на социјалните мрежи. Соодносот медиуми – социјални мрежи изнесува 14:1, па тоа е, најверојатно, и причината што лексиката поврзана со пандемијата со КОВИД-19 не ја направи „златната тројка“ на списокот најчесто употребувана лексика“, објаснуваат од Институтот.
„Сосема неочекувано зборот иновации се најде во топ-5 зборови за 2021 година. Анализата покажува дека овој збор се користи со истата зачестеност како и зборовите од секојдневната лексика (вода, пари и сл.). Ваквата употреба се должи на енормно брзиот развој на високите технологии, но и на пандемијата со КОВИД-19 која наметна потреба токму од иновации, со цел одржување економски баланс во услови на безмилосна конкуренција“, посочуваат од Балканскиот институт за култура и хуманистички науки.