Голем број од концесиите за мали хидроцентрали се нелегално издадени, констатирани се сериозни прекршувања и доведена е во прашање законитоста на нивното постоење, реагираат Еко-свест и Македонското здружение на млади правници откако вчера Државниот завод за ревизија објави низа пропусти при работата на малите хидроцентрали.
Во извршената ревизија на ДЗР за “Експолоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија“ се наведува дека околу 22,8 милиони денари за воден надоместок не било уплатено на буџетска сметка од страна на операторите со мали хидроцентрали, поради пропусти во постапката за издавање на концесии. Станува збор за мали хидроцентрали од кои најголем дел добиваат субвенции од граѓаните за проивзодство на струја.
„Извештајот на ДЗР уште еднаш го потврди она што со години го повторуваме: дека комплетната постапка за изградба на мали хидроцентрали целосно ги занемарува сите законски обврски за заштита на животната средина, што кулминира со издавањето на елаборатите за малите хидроецентрали без соодветно утврдување на фактичката состојба и влијанието врз животната средина.
Ова доведува до катастрофални последици по животната средина и локалното население“ вели Ѓорѓи Митревски, координатор за поддршка на заедниците во Еко-свест.
Доплнително во ревизијата се наведува дека комисиите за спроведување на тендерските постапки никогаш не изработувале студии за концесиски проект и не правеле прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, иако тие се законска обврска. За некои од тендерите нема физибилити студија и воопшто нема конечна Одлука за спроведување тендерска постапка. При издавањето на водното право никогаш не е направен преглед на објектите за зафаќање вода, што е исто така законска обврска. Тие не произведуваат правно дејство, и според ова зафаќањето на вода за производство на електрична енергија е исто така незаконско.
Овој проблем дополнително се влошува со тоа што инвеститорите ретко се придржуваат и до најосновните мерки за заштита согласно елаборатите, недостатокот на капацитети на Државните инспекторати и, несоодветното разграничување на надлежностите на инспекцискиските служби.
„Неспроведувањето на оцена на влијанието врз животната средина при доделувањето концесии за МХЕ дополнително штети на ефикасно реализирање на начелото на учество на јавноста. На овој начин, на граѓаните не им била дадена можност да ги искажат своите ставови при доделувањето концесии за МХЕ, ниту пак институциите можеле ефикасно да го проценат нивното штетно влијание по околината и заштитните мерки кои инвеститорот требало да ги преземе“, посочува Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.
Од МЗМП и Еко-свест бараат да отпочнат постапки за утврдување на законитоста на постоењето на малите хидроцентрали, но и утврдување на одговорност за ваквото намерно занемарување на сите законски одредби за заштита на реките.
Овие две организации велат дека и понатаму ќе ги следат ваквите состојби и ќе ги користат сите расположливи правни механизми за заштита на животната средина, но истовремено им нудат и можност на граѓаните и локалните граѓански организации за правно советување за овие прашања преку изготвување на правни мислења за конкретна мала хидроелектрана.