„Урбани градини: сврзни ткива“ – промоција на проект на Ана Лазаревска

Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата – Локомотива најавува промоција на проектот на Ана Лазаревска насловен „Урбани градини: сврзни ткива“. Настанот ќе започне во 16 часот во стакларникот зад Педагошка академија и ќе се одвива до 18 часот.

Во овој развоен/процесен проект Лазаревска прикажува дел од своето истражување кое е основано на внимателно и неизбрзано набљудување на природата и општеството, нивните функции, релации, и начини на функционирање како систем. Таа нив ги споредува со системот на кој функционира човечкото тело, кое постои во својата комплексност како и природата, кое зависи од функционалноста на органите, нивната поврзаност, средината во која се развива и живее, зависи од надворешните влијанија, од траумите, негата, љубовта, грижата итн.

„Ана на еден грижлив начин ни посочува кои се тие ткива во градот и гради визуелен пејсаж –инсталација- каде мапира девастирани, разрушени простори и укажува како тие да се развијат и врамат во заеднички простори- урбани градини, каде ќе згрижуваме, ќе ја градиме грижата кон другиот, кон другите битија и природата, јавниот простор, заедницата. Таа со ова претставување преку своето дело ни укажува на сите оние ткива кои не ги гледаме, а треба да почнеме да ги гледаме, и внимателно да ги развиваме во простори кои ќе ни овозможуваат да дејствуваме, да делиме, создаваме и да придонесеме во развојот на една целина, тело – на својата градска средина“, се вели во најавата за настанот.

Според Лазаревска, луѓето може да ги заздрават ткивата кои ги уништиле со невнимание, и да произведат урбани градини како простори – сврзни ткива на градот каде се случува поврзување, интеракција, размена и хармонизирање на индивидуалните клетки во градење на заедници.

Нејзиниот проект вклучува интерактивна инсталација развиена преку мапа, фотографии, QR кодови, gif и медитација.

Лазаревска како дел од процесот и „изведбата на предлог“ ќе го документира настанот, кој како материјал ќе го употреби во развој понатаму на овој развоен/процесен авторски проект.