Како резултат на тропски циклон, водата во Ганговата делта се излеа од коритото. Поплавите однесоа се што 11-годишната Палави се обидуваше да искористи за да му помогне на своето петчлено семејство да преживее. Невремето ја уништи куќата во која живееше направена од дрво и глина.
Ова е накратко приказната позади најдобрата фотографија на годината која ја избра УНИЦЕФ Германија. Организацијата секоја година ја доделува наградата за фотографии или фото-серијали кои најдобро ја покажуваат личноста и условите за животот на децата ширум светот на необичен начин.
Позади фотографијата стои индискиот фотограф Супратим Батачарје кој го пронашол девојчето како „безнадежно талка“ меѓу урнатините, еден ден по катастрофата.
Неговата работа веќе била прикажана на големи конференции за заштита на животната средина, а ја има освоено и наградата на Кралското фотографско друштво на Обединетото Кралство. Во 2020 година, Батачарје ја освои втората награда за фотографија на годината за фото-серијал за деца во индиските рудници за јаглен.