Вечерва со почеток од 19 часот во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје ќе биде промовиран романот „Анатомија на бумбарот“ на Стефан Марковски.
Во романот чие македонско издание е објавено од „Паблишер“, се дефинира енергична и психолошка силна приказна каде се претопуваат елементи на гротеска, хумор и егзистенцијалистичко преиспитување, стои во најавата за настанот.
„Во наративот, како што во поговорот пишува Александар Прокопиев, прогресира една примамлива, куриозитетна, откачена, убаво и сочно раскажана приказна раслоена во делови кои во себе носат и гнев и пркос, од една, и хумор и гротеска од друга страна. Романот покренува внатрешна револуција во секој кој ќе го чита, наметнувајќи повеќе егзистенцијалистички прашања и преиспитување на животот во потрагата по сопственото место во него“, се додава таму.
Приказната раскажана од две перспективи – машка и женска е мозаична сложувалка во која на крајот ќе се состават сите делчиња, пишуваат организаторите.