Нема да се вратиме на она статус-кво што постоеше пред КОВИД-19, бидејќи со пандемијата се сменија премногу работи. Предизвикот за годината пред нас е да се продолжи со редизајнирање и преосмислување на областите на работа, политика, јавно здравје и економска политика.
По цела година во која луѓето копнееја да се вратат во „нормала“, веќе ни е јасно дека тоа нема да се случи, а причината е КОВИД-19. Пандемијата, која веќе влегува во својата трета година, сериозно ги погоди поединците, заедниците, земјите и меѓународната соработка, создавајќи четири тешки предизвици за 2022 година. Обновата на довербата ќе биде клучен фактор за соочување со сите тие предизвици.
Првиот предизвик е променетиот однос на луѓето кон работата. Во некои земји, карантините и затворените институции и бизниси, смртни случаи на блиски луѓе и општата неизвесност на пандемијата ги поттикна луѓето да го преиспитаат својот однос кон работата. Во САД, бројот на работници кои ги напуштија своите работни места беше повисок од четири милиони секој месец од јули до октомври 2021 година. Многу млади Кинези се приклучуваат на движењето „лежи рамно“ со тоа што се откажуваат од долгите работни часови, правејќи го само она што мораат, односно минимумот, за да пројдат, стремејќи се само кон она што е апсолутно неопходно за опстанок. Пандемијата го продлабочи јазот меѓу оние кои можат да работат од дома и многумината кои не можат.
Во 2022 година, луѓето треба да веруваат дека враќањето на работа навистина ќе ги подобри нивните животи. За да се дојде до таа точка ќе биде потребно владите и компаниите да преземат дејствија. Инвестициите со кои ќе се олесни отстранувањето на прекините во образованието предизвикани од КОВИД-19 се од клучно значење. Околу 1,6 милијарди ученици во 180 земји не можеа да посетуваат настава како резултат на пандемијата. Воспоставувањето програми со кои учениците ќе можат да надоместат за изгубеното учење – и да се стекнат со вештини и обука потребни за економијата на 21 век – ќе им помогне да добијат подобри работни места.
Владите не можат да го постигнат тоа сами, но можат барем да постават стандарди за образование и обуки. Можат и да создадат нови или да ги зајакнат постојните стимулации за компаниите да инвестираат во својата работна сила, со барање пристојна плата и работни услови. Како свој удел во тоа, работодавачите ќе треба внимателно да ја разгледаат и оценат работната средина, да покажат доверба во своите вработени, да инвестираат во професионален развој и да ги приспособат новите шаблони односно обрасци за работа.
Вториот предизвик во 2022 година е да се запре глобалниот тренд кон авторитаризам. Според „Фридом хаус“, пандемијата ги ослабна механизмите за взаемна контрола и рамнотежа на владината моќ во најмалку 80 земји, како богати така и сиромашни. Зголемени се владиниот надзор, полициската бруталност и притворот како мерка, а во многу земји слободата на медиумите и изразувањето се загрозени или ограничени. Ранливите групи како што се етничките и верските малцинства и мигрантите страдаа несразмерно.
И политичката корупција е во полн ек. Во Мавританија, според извештајот на „Фридом хаус“, министрите на владејачката партија ги злоупотребиле средствата за борба против КОВИД-19. Во 2020 година, премиерот и сите министри поднесоа оставки. Во Обединетото Кралство, на членовите и поддржувачите на Конзервативната партија им бил даден посебен „брз“ пристап да даваат понуди за договори за набавка на лична заштитна опрема.
Во десетици земји ширум светот, изборите беа одложени или откажани, или потврдените резултати беа ставени под знак прашалник. Во 2022 година, граѓаните ќе треба да најдат начини да бараат одговорност од своите лидери, и да бараат лидерите одново да ги изградат институциите и да ја обноват довербата на јавноста. Во некои земји, ова веќе се случува, со тоа што се покажува колку добро владите прават пет работи: ги обезбедуваат или регулираат јавните услуги; предвидуваат промени и ги штитат граѓаните; етички ја користат моќта и јавните ресурси; се консултираат со граѓаните и им ги објаснуваат своите одлуки; и ги подобруваат условите за живот за сите.
Третиот предизвик со кој се соочува светот во 2022 година е уште една пандемија. Иако е лесно да се помисли дека појавата на КОВИД-19 како итна состојби во јавното здравство е најголемата таква појава во нашиот живот, нашиот сегашен фокус не смее да нè заслепи за други закани од заразни болести. На почетокот на овој месец, на пример, директорот на националната владина ветеринарна служба на Обединетото Кралство предупреди за „навистина високо ниво“ на птичји грип, со „огромни човечки, животински и трговски импликации“.
Во 2021 година, светот потфрли во дистрибуцијата на вакцини, лекови и терапии за КОВИД-19 на правичен и ефикасен начин. Механизмот за глобален пристап до вакцини против КОВИД-19 (COVAX) е создаден за да обезбеди имунизација за сите, со што ќе се избегнеа мутации на вирусот и ќе се спречеше неговото ширење. Меѓутоа, наместо тоа, богатите влади се натпреваруваа први да обезбедат пристап до вакцините за своите граѓани.
Довербата и соработката меѓу владите не е невозможен идеал. Решението е да се осмислат правилата, институциите и имплементацијата на јавните политики на начин што ќе ги увери земјите дека сите (најчесто) ги почитуваат. Длабока маана во сржта на реакцијата против КОВИД-19 е недостатокот на транспарентност за тоа колку владите плаќаат за дозите на вакцини – и кому. Во 2022 година, светот мора итно да ги редизајнира и подобри глобалните договори за истражување, дистрибуција и финансирање вакцини, со цел да се обезбеди минималното ниво на доверба што би ја овозможило меѓународната соработка.
Конечно, КОВИД-19 го трансформира економскиот правилник за 2022 година. Економскиот национализам е во пораст, забрзан од искуствата на земјите кои се обидуваат да набават опрема, лекови и вакцини. Згора на ова е и желбата да се постигнат целите за нето-нулта емисии, а резултатот најверојатно ќе биде проширени индустриски јавни политики, повеќе протекционистички трговски мерки и поголем скептицизам кон странските инвеститори – сето тоа во позадина на построга монетарна политика и растечки државни долгови.
Овие трендови стануваат уште поизразени поради геополитичките сојузи и ривалства, кои се прелеваат во склучување економски договори. Индија и Русија неодамна ја зајакнаа соработката со потпишување 28 договори во области од воена соработка до трговија. И Европската Унија сега самосвесно го усвојува терминот за одбранбено и воено планирање, „отворена стратешка автономија“, што го опишува нејзиниот нов пристап кон трговијата. Тајван е добар пример за тоа како безбедносните грижи се заматуваат поради економските цели. Суверенитетот на Тајван стана врзан со конкуренцијата за контрола врз многу бараните висококвалитетни полупроводници што ги произведува.
Глобалните економски предизвици за 2022 година се отрезнувачки. Но дури и во екот на Студената војна, основните меѓународни договори и институциите на взаемно воздржување беа можни благодарение на трпеливите преговори и договорите што им даваа гаранции на двете страни. Довербата не е универзален лек за сè поголемата меѓународна тензија, но еден мал дел од неа, поддржан од нашироко веродостојни институции, ќе биде од клучно значење за да се спречи ширењето на таа тензија.
Нема да се вратиме на она статус кво што постоеше пред КОВИД-19, бидејќи со пандемијата се сменија премногу работи. Предизвикот за годината пред нас е да се продолжи со редизајнирање и преосмислување на нашите правила и институции со фокус на повторно воспоставување доверба во областите на работа, политика, јавно здравје и економска политика.
*Нгер Вудс (Ngaire Woods) е деканка на Факултетот за владино управување и организација „Блаватник“ при Универзитетот во Оксфорд.