Црногорската влада се согласи да плати отштета од по 300 евра на граѓаните чии имиња се најдоа на списокот на лица во самоизолација поради коронавирусот, објавен во март минатата година, јавува „Радио Слободна Европа“.
Заштитникот на имотно-правните интереси на Црна Гора е задолжен да склучи спогодба со 2.720 лица во износ од по 300 евра надомест за повреда на личните права со објавувањето на личните податоци, соопшти вчера владата.
Одлуката за објавување список на лица во самоизолација ја донесе поранешното Национално координативно тело за заразни болести (НКТ) во време на прогласувањето епидемија на коронавирусот во Црна Гора.
Од НКТ тогаш соопштија дека објавувањето на списокот е во функција на почитување на епидемиските мерки и заштита на јавното здравје. По смената на власта во август минатата година, координативното тело беше распуштено.
Граѓанскиот сектор тогаш ја осуди оваа одлука, велејќи дека со неа се нарушува правото на приватност.
Стотици граѓани кои тогаш се најдоа на списокот најавија тужба откако Уставниот суд утврди дека Владата го прекршила правото на заштита на приватност и личните податоци, како и правото на почитување на приватниот и семејниот живот.
Во два случаи се донесени пресуди, едната е правосилна во износ од 200 евра, а другата е првостепена во износ од 500 евра.