Повеќе од 19 илјади твитови под хаштагот #НеСумПријавила (#NisamPrijavila) се објавени за само два дена во кои граѓаните од Србија сведочат за сексуални злоупотреби кои им се случиле во животот.
Оваа иницијатива ја покрена политикологот Нина Стојаковиќ која сподели дека нејзината сестра била злоупотребувана од нејзиниот партнер со која била во врска.
Нејзината објава предизвика бројни коментари, а поттикна и стотина други сведоштва на жени кои проговорија за свои искуства со сексуално насилство.
Новинарката од Дојче Веле, Оливера Живковиќ, анализирала голем дел од илјадниците твитови под хаштагот и заклучила дека има повеќе од стотина поединечни сведоштва за претрпено насилство.
„Можеби најмногу загрижува фактот дека не верувале на институциите, дека мислеле ако се обратат во полицијата и обвинителството дека од тоа нема ништо да биде. Мене ме загрижи тоа што има доста жени кои пишуваат дека нивните психотерапевти ги советувале да не излегуваат јавно со тоа, туку самите во себе да се изборат“, вели Живковиќ за Н1 телевизија.
Марија Лукиќ, која и самата била жртва на сексуално насилство на работното место, предупредува дека илјадници, ако не и десетици илјади жени ќутат и трпат бидејќи веруваат дека излегувањето во јавност би им донел само поголема болка.
„Има многу коментари во кои повторно се става вина на жените и во кои се романтизира тоа насилство. Па, како – ете тој бил заљубен и љубоморен. Никогаш системот и ова општество не верува на жената, ни кога таа ќе заврши мртва и не може ништо повеќе да каже“, вели Лукуќ.
Вања Мацановиќ, од Женскиот автономен центар, вели дека државата и српските институции само декларативно ги повикуваат жените да пријават насилство, но во реалноста на ги штитат оние кои ќе пријават насилство и се сомневаат во исказите на жртвите. А, тогаш, жртвите се соочуваат со едно исто прашање од полицајците или социјалните работници – „А што направивте вие? Со што го предизвикавте?“.
„Тоа се прашања кои ги одвраќаат жртвите. Ние постојано слушаме од државата – пријавите насилство, но она што ние го зборуваме е дека насилството треба да се пријави ако жртвата е безбедна“, објаснува Мацановиќ.
Хаштахот #НеСумПријавила повторно ја актуелизираше табу темата во Србија која ја отвори актерката Милена Радуловиќ, која прва јавно истапи и говореше за траумата која ја преживеала во училиштето за глума. Тој случај потоа резултираше со обвинение против актерот Мирослав Мика Алексиќ.