Невообичаените временски услови во Алјаска донесоа дневни температури над 15.5 целзиусови степени, што претставува највисока декемвриска температура досега регистрирана во американската сојузна држава, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
„На островот Кодијак, температурите на воздухот во неделата достигнаа рекордни 19.4 целзиусови степени, поставувајќи нов температурен рекорд на Алјаска во декември“, изјави научникот Рик Томан од Центарот за климатска политика и проценка на Алјаска.
Тој оцени дека временските услови на Алјаска овој декември биле „апсурдни“.
Декември е вообичаено студен месец во внатрешноста на Алјаска, без врнежи, бидејќи вообичаениот леден воздух не може да задржи многу влага, но во изминатите неколку дена доминира време со обилни дождови.
Томан потсети дека областа Фербенкс ја зафати најсилното невреме со просечни количества на врнежи кои не се регистрирани од 1937 година.