Од 1 јануари повисоки сметки за струја – Се укинува дневната евтина тарифа

Цената на електричната енергија од 1 јануари се зголемува за 9,48 отсто, а се укинува и дневната евтина тарифа за струја, додека ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела ќе останат, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, изјави дека енергетските компании побарале многу поголемо зголемување од скоро 38 отсто.

„Доколку евтината дневна тарифа останеше, цената ќе се зголемеше за дополнителни 5 %. Сакам да упатам неколку пораки, затоа што состојбата е деликатна. Во време кога цела Европа е во енергетска криза и цените на светските берзи уриваат рекорди, освен дел од приватните компании кои покажаа општествена одговорност и ја оптимизираа потрошувачката, ги повикувам и државните институции веднаш да направат план и програма за ефикасна употреба на енергијата, односно да применат мерки за заштеда во институциите. Заштеда од барем неколку проценти на енергија на ниво на држава во услови кога цената на електрична енергија на берзите достигнува и до 600 евра за MWh е најмалата работа што може да се направи“, изјави Бислимоски.

По ова, Министерството за економија одлучи да воведе парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон. Тие ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 или 800 денари, во зависност од големината на домаќинството. Нивните проценки се дека над 7.000 домаќинства треба да го остварат правото на финансиска поддршка, во времетраење од 12 месеци.

Право на финансиска поддршка имаат лицата чии примања не надминуваат: за самец до 15.194 денари, за домаќинство со два члена до 18.000 денари, за домаќинство до три члена до 21.000 денари, за домаќинство со четири члена до 25.000 денари и за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 30.000 денари.

„Лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и за домаќинство до три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, а лицата со ниски примања за домаќинство со четири члена и за домаќинство со пет члена и повеќе члена, се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно, сметано од денот на поднесување на барањето“, информираат од министерството, посочувајќи дека во случај корисникот на финансиска поддршка не плати последователно две сметки, ќе му се укине ова право.

Воедно, од министерството уверуваат дека нема да има рестрикции на електрична енергија.

„Сакам да ја информирам јавноста дека во моментов има доволно обезбедени количини на јаглен за работа на ТЕЦ Осломеј, како и за РЕК Битола за работа со два блока. За месец јануари се планира третиот блок во РЕК Битола да биде пуштен од 10.01.2022 година, а ТЕЦ Осломеј да престане да работи. Истовремено се планира вториот блок во ТЕЦ Неготино да се стартува на 15.01.2022 година. Со тоа, според најновиот биланс на АД ЕСМ, сите количини на електрична енергија потребни за универзалниот снабдувач ќе бидат обезбедени од домашно производство, односно без увоз“, информираат од министерството.

За утре Регулаторната комисија за енергетика најави дека ќе соопшти колкаво ќе биде поскапувањето на парното.