Градоначалникот на скопската општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, на прес-конференција го презентираше првиот дел од проектот „Стоп за урбаната мафија во Кисела Вода“, со кој рече дека е започната ревизија на 34 планови кои биле во различни фази на донесување, а за Расадник ќе биде објавен меѓународен конкурс за идејно решение за ДУП.
Според Ѓорѓиевски, во предлогот на Деталниот урбанистички План за Градска Четврт Ј 20 блок 3, или План за дел од Црниче, се констатирало дека околу чешмата Света Петка кај народот позната како Балаклија, во зеленилото биле предвидени 5 градежни парцели со намена станбени куќи со висина од 10.20 метри.
„Планот е стопиран градежните парцели во зеленилото се бришат, а по празниците ќе биде спроведена јавна презентација, а потоа и нова транспарентна Јавна Анкета на која граѓаните ќе можат да ги дадат своите забелешки и сугестии“, нагласи тој.
Исто така, рече градоначалникот, во Деталниот Урбанистички План Ј 15 блок 4 или План за дел од Припор се констатирало дека спротивно на Генералниот Урбанистички план предвидени се станбени згради со А2 намена со огромни бруто развиени површини, а за сметка на нив на постојните куќи во Припор не им се дава можност за никаков развој.
„Како и Планот за Црниче, и овој План е стопиран и во Буџетот за 2022 година се предвидени средства за изработка на ДУП за цела населба Припор“, рече градоначалникот.
Стопиран е и планот за Расадник. Во истиот, објави тој, Комисијата констатирала дека има 99 нови згради, па заклучно со февруари ќе биде објавен меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за ДУП Расадник, по што најдоброто решение ќе го изберат граѓаните на Расадник.
„По изборот на идејното решение, ќе се пристапи кон изработка на новиот Детален Урбанистички План за Расадник“, потенцираше Ѓорѓиевски.
Проектот „Стоп за урбаната мафија во Кисела Вода“ рече дека значи „вадење од фиока на сите важечки урбанистички планови и нивно транспарентно објавување на увид на граѓаните“.
„Транспарентноста е најсилното оружје во борбата против криминалот и корупцијата во нашето општество. Во Општина Кисела Вода има точно 53 важечки Урбанистички планови, а заклучно до моето преземање на функцијата градоначалник, на општинскиот ГИС портал беа објавени само 20. Во изминативе 60 дена, извадивме од фиока 33 урбанистички планови, ги дигитализиравме и јавно ги објавивме на веб страната на општината“, вели тој.
Ги повика граѓаните да пристапат на веб-страната на општината и да направат увид во секој план, увид во сопствената градежна парцела и да проверат што на тоа место е предвидено да се гради. Побара сите забелешки, сугестии и предлози за измени или укинувања на цели или делови на урбанистичките планови да ги достават до општината во рок од 30 денови, со образец достапен на страната на Кисела Вода кој може да се прати на revizijadup@kiselavoda.gov.mk, или во општинската архива.
„Сите поднесени барања ќе бидат разгледани од Комисијата за Урбанизам на Општина Кисела Вода, како и од Партиципативното тело на граѓаните на Кисела Вода и по истите ќе се поведат конкретни постапки согласно законските прописи. Кисела Вода мора да биде општина каде што граѓаните ќе одлучуваат за Урбанистичките планови, а не урбаната мафија. Сакам да ја искористам оваа конференција и да потсетам дека рокот за пријавување во Партиципативното тело истекува на 15 јануари 2022 година, и сакам да упатам апел до граѓаните, до невладините oрганизации и стручната јавност да се пријават во работата на ова тело и да ни се приклучат во борбата против урбаната мафија“, рече градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Инаку, изминативе години Кисела Вода стана актуелна откако граѓани и активисти се бунеа за просторот во Расадник, односно за планот кој во јавноста стана познат под името „нови 100 згради во Расадник“. Се организираа протести, акции, имаше и различни јавни реакции, мислења и критики за тоа што би значела негова изведба од аспект на раст на урбанизмот наспроти хумано живеење, и како сето би се извело инфраструктурно и финансиски.