Од Министерството за образование и наука информираат дека денес е извршена исплата на средства за субвенциониран студентски оброк од 79,14 милиони денари на 28.011 студенти корисници на ова право.
„Вкупно 26.377 од нив се тековни корисници и тие ги добија средствата за месец декември. На 380 студенти чии апликации пристигнаа при првиот повик, но истите беа предмет на дополнителна проверка со други институции и установи, исплатени им се средства за три месеци, односно за октомври, ноември и декември“, истакнуваат од МОН.
Оттаму нагласуваат дека на 1.254 студенти кои го оствариле ова право преку третиот повик исплатени им се средства за месеците ноември и декември.
Во тек е разгледување на апликациите од последниот повик од минатиот месец.
МОН потсетува дека во периодот од 20 до 30, односно 31 во секој месец, ќе биде отворена можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите оние студенти кои претходно не ги исполнувале условите, или не аплицирале.
Пријавувањето за субвенциониран студентски оброк се спроведува исклучиво електронски, со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци, а се наведуваат и податоци за лична трансакциска сметка.