Едно од најголемите имиња во електронската „дарк вејв“ сцена на 21 век, култните „Boy Harsher“ на 1 март се најавени во скопско МКЦ.
„Сурова енергија, моќни индустриски призвуци и интимни лирики. Концертот на ‘Boy Harsher’ е спектакл кој не смее да се пропушти! Приклучете се кон времето што доаѓа!“, стои најавата на организаторот „ROTKO Books & Music“.
„Boy Harsher“ е мрачно електронско дуо од подземјето на САД. Нивната музика претставува совршен сплет помеѓу индустриски призвуци и интимни лирики. Дуото има големо искуство во полето на филмската уметност, што е видно во нивниот живописен синематски израз на нивниот перформанс.
„’Boy Harsher’ започнуваат на почеток на 2013 под името Teen Dreamz. Со созревање на проектот и внесување на инструменти со денс влијание, музиката станува по динамична и спонтана, па во јануари 2014 групата го добива името ‘Boy Harsher’. ‘Yr Body is Nothing’, нивниот деби албум е издаден во јуни 2016 преку Atlanta D K A Records. Албумот е снимен во Нортхамтон, Масечусец. Првото издание е веднаш распродадено,а второто е објавено во јануари 2017 пред нивната тура во САД. Вториот албум е ‘Lesser Man’ со кој ја придобиваат светската публика и стануваат еден од влијателните групи, формирајќи нов правец и движење во електронската музика“, стои во најавата.
Истата вечер се најавува и настап на „Hide“, пост-индустриски музички проект базиран во Чикаго, САД. Парот создава композиции-аудио колажи, користејќи комбинација од сопствени теренски снимки и аудио референци од поп-културата.
Во 2016 го издаваат краткиот албум „Black Flame“ кој обработува приказни за кршењето на човекови права во Иран, оттука поставувјќи се како социјално ангажиран состав кој со своето творештво ги изразува своите политички ставови.
„Во 2017 го издаваат албумот ‘Castration Anxiety’ кој адресира проблеми со нееднаквите динамини на моќта и репрезентација на маргинализираните заедници во општеството. Нивниот втор албум ‘Hell is Here’ издаден во Август 2019, ја продлжува понатамошната еволуција на бендот. Болната вистина и искреното разгледување на најтемните и често недискутирани делови од животот испливуваат на површината во овој албум“, соопштуваат организаторите.
Билетите за концертите се достапни во билетарата на МКЦ и на следниот ЛИНК.