Без ќотек – напад врз новинар не се „признава“

Ова е „четиво“ за двајца поранешни колеги, вработени во ист медиум, кои денес повеќе не се дел од новинарството и медиумите. Работат сосема нови професии, но својата приказна за крајот во новинарството ја раскажаа преку настанот што ги поврзува, а по кој завршиле со своите медиумски кариери. Тоа е т.н. „Крвав четврток“, насловот кој јавноста го даде за инцидентите во Собранието на Република Македонија што се случија на 27 април 2017 година, кога толпа народ, но и луѓе под маски упаднаа во законодавниот дом и нападнаа и ги држеа во заложништво дел од пратениците од СДСМ, а претепан беше и пратеникот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, објави ССНМ.

Но, истата вечер, во заложништво беа држени и дел од медиумските работници, новинари, сниматели и организатори, беа спречени да известуваат од настанот, кој беше во фокусот на јавноста, а дел од нив беа и физички нападнати. Меѓу нив и двајцата наши поранешни колеги. Новинарката Габриела Димковиќ поминала „полесно“, без ќотек, но со низа трауми. Снимателот Никола Ордевски поминал „потешко“, односно со физички напад. По подолго размислување се одлучиле да ја тужат државата, во Основен граѓански суд Скопје. Но, тие не се единствените. Група новинари и медиумски работници се одлучија на ист таков чекор, да поднесат приватни тужби поради тоа што обвинителството не ги препозна како оштетени во судските процеси што ги покрена по службена должност, а беа поврзани со организаторите и извршителите на насилството.

Новинарката нема физички напад – нема отштета, снимателот добил удар по главата – има и отштета

„Тужбеното барање на тужителот Никола Ордевски ДЕЛУМНО СЕ УСВОЈУВА. СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот Република Северна Македонија да му плати на тужителот надомест за нематеријална штета поради повреда на личните права на телесното и душевното здравје во вкупен износ од 190.000 денари, од кои за претрпена физичка болка 70.000 денари, за претрпен страв 60.000 денари и претрпени душевни болки 60.000 денари“.

Вака гласи пресудата со која Граѓанскиот суд преку судијката Сузана Димитриев одлучил дека во настаните од 27 април во Собранието, државата е виновна, па треба да му плати штета на медиумскиот работник што бил таму за преку својата камера да ја пренесе сликата, која нималку не беше убава. Во тужбата што ја поднел снимателот навел дека во Собранието бил на службена задача и дека додека се одржувала прес-конференцијата на новоизбраниот претседател Талат Џафери се случил упад на разгневена толпа. Тој се повлекол назад со цел да излезе, но добил удар по главата, поради што 10-15 минути бил во бессознание и не знаел што се случува. Во текот на следните часови слушал „убијте ги“ и татнежи од шок бомби, а цело време не знаел дали ќе остане жив. Останал затворен во Собранието, без дозвола да одговара на телефонските повици од домашните, а откако бил евакуиран, го однеле во Градска болница, и поради повредите бил хоспитализиран на Интензивна нега.

Но, државниот правобранител, кој ја застапувал државата, сметал дека снимателот нема зошто да добие отштета. Приговарал бидејќи веќе е водена кривична постапка за истиот настан и веќе е утврдена одговорност и правосилно се осудени повеќе луѓе поради што обврската за надомест на штета паѓа на веќе осудените. Сепак, на крајот судот донел одлука дека по Законот за облигациони односи, а цитирајќи повеќе членови од него, државата е таа што е одговорна ако некој е повреден при јавни демонстрации и манифестации и треба да ја покрие штетата, а потоа да бара надомест од организаторите или од насилниците при тие јавни демонстрации. Оваа пресуда е донесена на 15 ноември 2021 година, таа е првостепена и на неа можат да се жалат двете страни. Ордевски, пак, вели дека одлучил дека му е доста од судскиот процес, но и дека повеќе не работи во медиумскиот бизнис.

„Тужбеното барање на тужителката Габриела Димовиќ за надомест на нематеријална штета од 350.000 денари, поради повреда на личните права на име претрпен страв, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО. СЕ ЗАДОЛЖУВА тужената Република Северна Македонија да ги надомести трошоците во постапката, во износ од 26.500 денари.“

Ова е пресудата што ја донел судијата Артан Лимани од Основен граѓански суд Скопје, во која новинарката што била дел од инцидентите во Собранието барала отштета од Државата. Но, судијата одлучил дека таа нема право на такво барање. Во тужбата навела дека слушнала силна бука, пискотници, мислела дека е готово и дека ќе умре, а времето поминато во Собранието ѝ било како вечност.

По излегувањето од таму, со денови имала чувство на страв, не можела да спие, а, и покрај тоа што имало благо подобрување во следните денови, состојбата повторно ѝ се влошила во почетокот на бременоста. Но, тоа за државниот правобранител не значело ништо бидејќи одговорил дека е јасно дека нема вина кај државата, бидејќи таа не ѝ нанела штета на новинарката. Исто така напишала и дека можела да побара во кривичната постапка што се водеше за истиот настан, а во која сторителите на насилството се познати и осудени. Со ваквите тврдења се согласил и судот, особено што тужителката не била физички нападната.

„Имајќи ја предвид одредбата од членот 166 став 1 од ЗОО, сосема е јасно дека тужениот, т.е. државата одговара само за штети настанати од смрт, телесна повреда или оштетување, односно уништување имот поради акт на насилство, како што впрочем и беа настаните од 27 април 2017 година. За судот, претрпениот страв во отсуство на телесна повреда е правно релевантен за надомест на штета, но од лицата што го предизвикале насилството. Од страна на Кривичниот суд Скопје се огласени за виновни сторителите на кривичното дело и тие ѝ се познати и на тужителката, која во друга постапка може да го оствари своето право на надомест на штета за претрпен страв“, пишува во пресудата на Граѓанскиот суд.

Оваа пресуда е донесена уште во март 2021 година, но Димовиќ одлучила да не се жали пред повисокиот Апелационен суд. Вели дека нема доверба во судството, кое не ја гледа пошироката слика за новинарската работа и одговорноста да се известува јавноста од вакви и слични настани и се плаши дека само ќе се зголемуваат и онака високите судски трошоци.

Адвокатот што ги напишал двете тужби и кој без надомест ги застапувал медиумските работници е Ѕвонко Давидовиќ. Вели дека упатувањето на Димовиќ од страна на судот да ги тужи осудените од настаните за 27 април е мошне комплицирано, со оглед на неколку предмети и пресуди, кои судот ги донесе во кривичната постапка.

„Законот за облигациони односи навистина предвидува дека државата одговара во случај на смрт, телесна повреда или оштетување поради акти на насилство или терор при јавни демонстрации и манифестации, без оглед на постоење вина. Поучени од искуството од настаните на 27 април што се случија во Собранието, а каде што во голем број беа новинари и сниматели што ја извршуваа својата работна задача, која во секој случај е од јавен интерес, сметам дека Законот за облигациони односи би требало да претрпи измена во поглед на вакви настани кога се во прашање новинари, сниматели и лекари, а кои се принудени да ја извршуваат својата работа и во вакви околности“, вели Давидовиќ.

Обесхрабрувачко судство, поднесени само пет тужби, четири завршиле во корист на државата, една уште трае

Адвокатската канцеларија на Филип Медарски и Здружението на новинарите на Македонија одлучија да им помогнат на новинарите што сакаат да ја тужат државата поради настаните од 27 април 2017 во Собранието. На повикот што го објавија се пријавија само петмина новинари и двајца новинарски работници и беа поднесени вкупно 5 тужби, и покрај тоа што вечерта на „Крвавиот четврток“, во нивната работа беа спречени десетици преставници на медиумите. Но, и поднесените тужби завршуваат неславно, барем засега во првостепениот суд. Четири тужби се отфрлени, а еден судски процес сѐ уште е во тек. Од отфрлените, три се по жалба, додека само еден е правосилен и веќе е поднесено барање за заштита на слободите и правата пред Уставниот суд на РСМ и се подготвува апликација за Европскиот суд за човекови права.

„Одбивањето на тужбите е повеќе правно прашање, отколку фактичко. Имено, Основниот граѓански суд тврди дека согласно облигационото право, поточно согласно чл.166 во врска со член 189 од Законот за облигационите односи, новинарите немале право да бараат надомест за претрпен страв бидејќи отсуствувала телесна повреда. Но, членот 189 од Законот за облигационите односи предвидува дека и во отсуство на телесни повреди, доколку околностите го оправдуваат тоа, може да досуди и нематеријална штета за претрпен страв. Дури и постои судска пракса, правосилна судска пресуда каде што е досуден износ само поради претрпен страв“, вели Лазар Сандев, адвокат од адвокатската канцеларија Медарски.

Тужбите што ги поднесоа новинарите се по две основи, и тоа за надомест на нематеријална штета, но она што е уште побитно, на име на право и заштита на слободата на изразување. За адвокатот Лазар Сандев, инволвираните новинари поднеле приватни тужби бидејќи кривичното дело за кое беа гонети обвинетите во кривичната постапка, за Терористичко загрозување на уставниот поредок, е кривично дело против државата.

„Поради тоа беше спорно дали новинарите ќе можат во кривичната постапка да се јават во својство на оштетени. Затоа, а со цел да се заштити правото, во законски предвидениот рок моравме да поднесеме тужби со кои бараме надомест од државата поради постоење основ за објективна одговорност, односно дека таа не презела соодветни дејствија за заштита и на новинарите што биле присутни во Собранието на 27.04.2017 година“, вели Сандев.

И покрај обидите да дознаеме повеќе детали од Судот за тужбите на медиумските работници поврзани со насилството во Собранието, од таму велат дека АКМИС системот не ги препознава по настан, а доколку службите пребаруваат по надомест на нематеријална штета, ќе се појават огромен број предмети. Но, велат, во судот се суди само врз основа на позитивното важечко законодавство.

„Фактот дека донесените одлуки од страна на истиот се првостепени одлуки, кои не се правосилни. Истите, согласно Законот, подлежат на редовен правен лек – жалба, по која постапува непосредно повисокиот надлежен суд, кој ја цени законитоста на донесената првостепена одлука. Впрочем, овој суд ја извршува својата работа и суди согласно важечките закони, а не и врз коментари од јавноста, бидејќи тие очигледно би претставувале притисок врз судството и неговото независно одлучување во секој поединечен предмет, наспроти изведените докази во текот на постапката“, велат од судот.

Министерството за правда не ги коментира одлуките на судот, ама ќе го менува законот

„Почитувајќи го принципот на независност на судството, Министерството за правда не може да коментира постапки по конкретни судски предмети“.

Ваков одговор добивме кога го прашавме Министерството за правда, дали овие пресуди на Граѓанскиот суд ги „отвораат вратите“ на новинарите, да заминат од инциденти наместо да известуваат од нив, бидејќи не се заштитени, ниту, пак, добиваат отштета од државата.

Но, од Министерството велат дека ги иницирале измените на Кривичниот законик, каде што напад врз новинар ќе се смета како напад врз службено лице. Во делот за спречување службено лице во вршење службено дејствие, кое е казниво со парична казна или со затвор до три години, но и ако сторителот го навредил или го малтретирал службеното лице или му задал телесни повреди или му се заканува со употреба на оружје, кое се казнува со затвор од три месеци до три години, сега, меѓу другите, влегуваат и новинарите и медиумските работници.

„Тој што делото ќе го стори спрема службено лице, адвокат, лекар или друг здравствен работник, новинар или друг медиумски работник или друго лице што врши работи од јавен интерес при вршењето на професионалните задачи или во врска со вршењето на професионалните задачи што ги презема во рамките на своите овластувања или лице што помага при вршењето работи на јавната безбедност или на заштита на уставниот поредок на Република Северна Македонија што се однесуваат на спречување или откривање кривично дело, фаќање сторител на кривично дело, чување на јавниот ред и мир или чување лице лишено од слобода, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години“, пишува во измените на законот.

Од Министерството за внатрешни работи додаваат дека со измените ќе му се овозможи на јавното обвинителство да постапува по службена должност.

„Се предвидуваат затворски казни до три години за напад врз новинар или медиумски работник, за онлајн или лични навреди кон новинарите, и на тој начин му се овозможува на Јавното обвинителство да постапува по службена должност за напад на новинар – со што беше исполнето и долготрајното барање на медиумските здруженија во земјата“, велат од МВР.

Но, и покрај тоа што веќе неколку години се најавуваат овие измени, никако да бидат изгласани. Тие поминаа кај Владата, но не и во Собранието. Сѐ уште се во собраниска процедура, па претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, на Меѓународниот ден за запирање на неказнивост на нападите врз новинарите истакна дека токму 27 април е симбол на неказнивост.

„Што добивме ние од 27 април – ние добивме уште една порака дека сме спречени да ја водиме нашата работа онака како што граѓаните заслужуваат. И не сме овде за да бараме солидарност од граѓаните, туку стоиме освестени дека ова е наш заеднички проблем, на нас новинарите и на јавноста, на која треба да ѝ служиме. Затоа е ова должност на сите и затоа инсистираме на правда. Правда за 27 април и заради нас и заради оние што ги претставуваме и заради кои постоиме“, рече Чадиковски.

На измените чекаат и адвокатите.

Се надевам дека измените во КЗ ќе донесат позитивни промени при извршувањето на работата на новинарите. ЗНМ беше мошне активно по однос на ова прашање и сметам дека со ваквите измени ќе се намали т.н. ефект на ладење, што подразбира дека новинарите ќе се чувствуваат сигурни дека никој нема да може да ги нападне, или доколку се случи да бидат нападнати, надлежните обвинителства ќе мораат да бидат поажурни и поекспедитивни во истрагите против сторителите“, вели адвокатот Лазар Сандев.

Правото на слобода на изразување е содржано во чл.10 од Европската конвенција за човекови права и претставува европски стандард од огромно демократско значење. Токму заштитата на новинарите од сите видови напади, вербални, физички, закани, спречување при извршување работни задачи ќе значи и заштита на правото на изразување и слобода за информирање на јавноста.

———

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – „Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Оригиналната сторија може да се прочита ТУКА.

Авторот е одговорен за изборот и презентирањето на фактите содржани во оваа видеосторија и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.

Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во оваа видеосторија не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето граници.