Делувањето на Европската Унија имаше слаб ефект врз напредокот во основните реформи во владеењето на правото во Западен Балкан, се наведува во специјалниот извештај објавен од Европскиот ревизорски суд (ЕЦА), пренесува „Данас“.
Во регионот беа спроведени одредени технички и оперативни реформи, но во контекст на недостаток на политичка волја и недостаток на ангажман, поддршката од ЕУ генерално беше недоволна за решавање на проблемите во областите како што се независноста на судството, концентрацијата на моќ, политичкото мешање и корупцијата, рекоа ревизорите.
Помошта од ЕУ се заснова на две меѓусебно поврзани линии на делување, финансиска поддршка, која достигна приближно 700 милиони евра од 2014 до 2020 година и политички дијалог. Судот подготви извештај за да утврди дали таквата постапка е соодветна на посакуваната цел.
Приоритетите на ЕУ за владеењето на правото во Западен Балкан се јасни и во принцип се преточени во конкретни мерки во рамките на Инструментот за претпристапна помош. Сепак, ревизорите заклучија дека постојат клучни ризици за одржливото влијание на неговото работење кои и понатаму не се во доволна мера отстранети.
Мерките за справување со проблемите на незадоволителните административни капацитети и недостатокот на политичка волја, кои играат клучна улога, се малкубројни и често неефикасни. Дополнително, ревизорите предупредуваат на неконзистентна примена на предусловите за финансирање и спроведување на проектите.
Како што се додава, ЕУ ретко бара да се прекине помошта доколку земјата-корисничка не ги почитува основните принципи на демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права.
Ревизорите открија и дека поддршката на ЕУ за граѓанското општество не е доволна за да се задоволат потребите на тој сектор и дека таа главно се заснова на краткорочни проекти.