Засега нема причина за паника, но треба внимателно да му пристапиме на наративот дека омикрон предизвикува лесна форма на КОВИД-19 која побрзо ќе доведе до крај на пандемијата.
Секое прекопирање на SARS-CoV-2 геномот при неговото намножување во човекот дава можност да настане грешка во процесот. Овие грешки водат до промени во генската секвенца, т.е. мутации. Кога мутациите опстојуваат во некои вирусни линии, линиите ги нарекуваме варијанти. Некогаш мутациите водат до промени во крајниот продукт на гените – протеините, со што можат да ги сменат вирусните функции на подобро или полошо.
Омикрон варијантата е нов сој на SARS-CoV-2
Така, настанале нови варијанти на SARS-CoV-2 кои станале позаразни или предизвикувале потешка болест, пр. алфа и делта варијантите. Кога варијантите се поврзани со промени во однесувањето на вирусот и можат да го сменат текот на пандемијата, Светската Здравствена Организација ги класифицира како загрижувачки варијанти.
Омикрон варијантата е нова таква варијанта на SARS-CoV-2 бидејќи: 1. Има поголем број промени во вирусните протеини, вклучувајќи го и протеинот S; 2. Проследена е со брз пораст во бројот на случаи.
Протеинот S е важен за вирулентноста
Протеинот S се наоѓа на површината на SARS-CoV-2 и е одговорен за негов влез во клетките. Повеќето вакцини против КОВИД-19 создаваат имун одговор токму кон овој протеин (График 1А). Се состои од неколку подединици, од кои поважни за дискусија се протеинскиот домен кој ги врзува ACE2 рецепторите на човечките клетки (График 1Б) и домените врзани од човечки антитела при имун одговор (График 1В и 1Г).
Споредувајќи ги промените во протеинските секвенци на делта варијантата (График 1Д) со оние кај омикрон варијантата (График 1Ѓ), очигледно е дека бројот на промени во вирусниот S протеин е поголем кај омикрон варијантата и тоа токму во домените врзувани од антителата. Поради тоа, откритието на варијантата предизвика загриженост дека овие промени би му помогнале на вирусот да биде позаразен и/или поотпорен кон имуниот одговор.
Омикрон е веројатно позаразна од претходните варијанти
Податоците од Јужна Африка кои укажаа на брз пораст во бројот на случаи со омикрон придодадоа на загриженоста. Омикрон ја истисна делта варијантата и стана доминантна во делови од Јужна Африка. Варијантата продолжи да се шири и до 06.01.2022 е детектирана во 149 земји во светот, вклучувајќи ја и Македонија.
Во повеќето земји каде омикрон е детектирана, инциденцата на случаи е во голем пораст а варијантата е доминантна. Првичната интерпретација на ова брзо ширење е дека станува збор за многу позаразна варијанта од претходните.
Меѓутоа, при секоја појава на нова варијанта постои ризик да се прецени базичниот репродуктивен број поради недоволно податоци. Дополнително, прашање е колку порастот во бројот на случаи е резултат на интринзично-поголема заразност на омикрон а колку на способноста на варијантата да го избегне постоечкиот имун одговор стекнат преку прележување или вакцина.
Засега не знаеме, но прелиминарни анализи од Јужна Африка проценуваат дека омикрон е 36.5% позаразна од делта варијантата, а во 55-63.7% од случаите може да има послаб имун одговор стекнат кон претходна варијанта на SARS-CoV-2. Со други зборови, ако заразен со делта варијантата во просек би заразил околу 5 други неимуни луѓе, заразен со омикрон варијантата би заразил околу 7 неимуни луѓе; но, половина до две третини од оние кои се веќе имуни кон претходна варијанта на SARS-CoV-2 би имале послаб имун одговор кон омикрон и имаат ризик од реинфекција. Сепак, ова се само прелиминарни математички процени и треба да се интерпретираат како такви.
Брзиот пораст на омикрон инфекции делумно се должи на интринзично-поголема заразност на варијантата, но можеби во поголем дел се должи на способноста на омикрон да го избегне постоечкиот имун одговор. Која и да е причината, омикрон станува доминантна варијанта во популациите во кои е присутна. Тоа се случува и во Македонија, каде репродуктивниот број (Rt) на SARS-CoV-2 е висок неколку дена (График 2), што веројатно во поголем дел се должи на омикрон варијантата а делумно и на собирите за време на празниците. Повеќето од КОВИД-19 случаите во Македонија сега се веројатно омикрон случаи, а забележана е и повисока стапка на реинфекции.
Ризикот од избегнување на имуниот одговор е поголем
Споредувајќи ги деловите од S протеинот каде се наоѓаат мутациите на омикрон варијантата со секвенците од S протеинот од претходни варијанти кон кои се создаваат антитела од Б клетките, укажува дека добар дел не се преклопува и антителата треба да ја препознаат и омикрон варијантата.
Но, поставувајќи ја секвенцата тродимензионално покажува дека повеќето омикрон мутации се акумулирани токму во доменот на S протеинот препознаван од антителата (види График 1Ѓ), носејќи ризик да антителата бидат недоволни за заштита од инфекција со варијантата, покажано и во прелиминарни лабораториски студии.
Не изненадува што постоечкиот имунитет е недоволен за да спречи инфекција со омикрон, согледано и во опсервациони студии, каде првичните наоди се дека омикрон варијантата носи неколку пати поголем ризик од реинфекција споредбено со делта варијантата, без воочлива разлика дали имунитетот е стекнат преку прележување или вакцинација.
Првичните процени на вакциналната ефективност од Англија покажуваат дека во речиси сите испитани сценарија, вакцините даваат пониска заштита од симптоматска инфекција со омикрон споредбено со делта варијантата, иако бустер со трета доза од BNT162b2 вакцината на Pfizer/BioNTech пружа 71.4-75.5% заштита. Слични наоди се добиени и во Данска, каде е утврдено дека вакцините BNT162b2 (Pfizer/BioNTech) и mRNA-1273 (Moderna) пружаат пониска заштита од инфекција со омикрон споредбено со делта варијантата. Останува да видиме колку времето ќе влијае врз падот во заштитата од инфекција создадена од бустер дозите.
За разлика од нив, споредувајќи ги мутациите на омикрон со секвенците на S протеинот кон кои се создава Т-клеточен одговор покажува дека поголемиот дел од Т клеточниот одговор и понатаму ќе пружа заштита од варијантата, потврдено и во прелиминарни лабораторски студии, во кои е утврдено дека 70-80% од одговорот е задржан, било стекнат преку прележување или вакцинација, што најверојатно ни помага во заштитата од потешка болест.
Сепак, ризикот од ИНФЕКЦИЈА со омикрон на треба да се меша со ризикот од тешки КОВИД-19 исходи поради омикрон варијантата.
Ризикот од тешка КОВИД-19 болест се утврдува
Иако се поминати неколку недели по откривањето на варијантата и доказите се акумулираат, уште не знаеме со сигурност што да очекуваме од омикрон во поглед на тежина на болеста. Неколку извори укажуваат дека ризикот од хоспитализација поради омикрон варијантата е веројатно помал, што е добра вест, но повеќето од овие студии се во популации со висок колективен имунитет.
Брзиот пораст во бројот на случаи во Јужна Африка беше проследен со пропорционално-помал пораст во хоспитализирани и починати од КОВИД-19. Скорешна прелиминарна студија од Јужна Африка има проценето дека омикрон носи 80% помал ризик од хоспитализација споредбено со делта варијантата, но тоа може да се должи и на висок колективен имунитет, различен период на следење и разлики меѓу подгрупите.
Во прелиминарна опсервациона студија од Англија, коригирајќи за неколку фактори на пристрасност, истражувачите процениле дека омикрон варијантата носи 40-45% помал ризик од хоспитализација од барем 1 ден, споредбено со делта варијантата, а кај прележаните од КОВИД-19 заштитата од хоспитализација поради омикрон била 61%. Слични процени се добиени и во студија од Шкотска, каде омикрон варијантата е проценето да носи две третини помал ризик од хоспитализација а третата (бустер) доза од вакцината обезбедила поголема заштита од тешка болест.
Доказите се силни дека постоечкиот имунитет кон претходните варијанти пружа заштита од потешка болест со омикрон. Сепак, потребен е подолг период на следење на клиничките исходи, за да знаеме дали омикрон е поврзана со пократок престој во болница, изискува помалку интензивен третман или носи помал ризик од смрт од КОВИД-19 кај неимуната популација.
Засега, многу малку знаеме за отпорноста на омикрон кон постоечките третмани. Малку веројатно е дека ќе биде поотпорна на третманите со кортикостероиди, инхибиторите на IL-6-рецептор и антивирусните лекови, а постои ризик да третманот со моноклонални антитела биде помалку ефикасен.
Сумирано, омикрон варијантата носи ризик да повеќето се заразиме со вирусот, без разлика дали претходно сме прележале КОВИД-19 или сме вакцинирани. Постоечкиот имун одговор најверојатно ќе нѐ штити од тешка КОВИД-19 болест предизвикана од омикрон, веројатно носејќи помал ризик од хоспитализација споредбено со делта варијантата, но не знаеме колку помал. Бустер доза вакцина најверојатно ќе ја подобри заштитата од хоспитализација и смрт од омикрон, што укажува на важноста да што побрзо ги вакцинираме ранливите категории со трета доза вакцина.
Засега нема причина за паника, но треба внимателно да му пристапиме на наративот дека омикрон предизвикува лесна форма на КОВИД-19 која побрзо ќе доведе до крај на пандемијата. Варијантата носи значително поголем ризик од инфекција.
И при сценарио во кое порастот во бројот на случаи биде проследен со пропорционално-помал број хоспитализации, поради брзината на ширење постои ризик да сепак во краток временски период омикрон доведе до голем број хоспитализирани и починати од КОВИД-19.
Се наоѓаме во сериозна состојба и исклучително е важно да периодов бидеме внимателни и се штитиме од омикрон, за да спречиме колапс на здравствениот систем кој во моментов е на раб, да снема здравствен кадар да дијагностицира и лекува.
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.