Независните советници од иницијативите „Независните од Карпош“, „Шанса за Центар“, „Зелен хуман град“, „Подобро за Тетово“, Стига е“, „Поинаку“ преку дебата на Граѓанскиот инспекциски совет (ГИС) укажаа на низа проблемите во своите општини со аерозагадувањето. Побараа посериозни мерки, инспекции, нивна опременост, анализи и долгорочни политики за да се намалат загадувачките трендови.
Татјана Стојановска од „Независните од Карпош“ вели дека често се алармира за надминување на праговите со ПМ10, често се бараат причините, но тешко се наоѓаат. Посочи дека во Карпош преку Секторот за екологија има нови чекори преку буџетската програма, но сепак тие се мали.
Стојановска го наведе и планот за интерактивна веб-апликација за катастарот за загадувачи, потенцирајќи дека и тој не е целосен и треба да се дополни.
„Како загадувањето ќе се реши со еден инспектор за екологија? Со немање градежен инспектор во рамките на општината? Ние во Карпош се соочуваме со горење кабли на кејот (на Вардар), а досегашната реакција е најчесто задоцнета, не може да се открие сторителот, или пак ако се открие не се санкционира и се повторува делото. Лично сметам дека се работи за ранливи категории и потребно е субвенционирање на луѓето и да им се овозможи друг начин да остваруваат финансиски придобивки“, нагласи советничката од Каршош.
Во однос на Програмата, вели Стојановска, има одредени субвенции за велосипеди, е-тротинети, релативно мали, но убаво е ако се реализираат. Со тоа би се насочиле жителите да користат друг тип на превоз.
„Дополнително, кај нас секогаш државното земјиште се разгледува од аспект на урбан дел, а не како да стане зелена површина. Во смисол на депониите, пак, не само да бидат исчистени, туку и понатаму да се зазеленуваат. Потребени се поголем број луѓе што ќе вршат инспекција и контрола. Тоа е најгорлив проблем. Мора да постои поголема соработка со другите општини. Воздухот не стои, се движи и пренесува од една од друга општина. Притисокот, пред се’, треба да биде кон институциите. За санкционирање на загадувачите во реално време“, нагласи Стојановска.
Независниот советник од иницијативата „Шанса за Центар“, Јане Димески смета дека повеќе од 10 години се зборува што и како треба да се направи, темата стигна во политичкиот мејнстрим, но чувствува дека нема помрднување од тоа декларативно ниво.
„Ова Татјана што го зборуваше за Карпош, општина Центар е уште поназад. Зборуваме 10 години колку ни е загаден воздухот, а особено последните години имаме невидена експанзија на градење. Општина Центар го губи целиот простор кој може да се користи, евентуално да се апсорбира аерозагадувањето. Кога ќе ми текне кои зелени површини ги загубивме, ‘Бристол’, Дом на АРМ, зеленилото кај УКИМ, по булеварот ‘Климент Охридски’, ‘Гологанов’… Изгубивме огромни зелени површини и сето тоа е ‘послано’ со асфалт за паркинзи или е со станбени згради“, забележа тој.
Во поглед на политиките, го спомена Локалниот еколошки акционен план (ЛЕАП), но смета дека е про-форма, само „си постои како документ“.
„Општината може да се пофали дека го има, но ништо од него не е спроведено, со години“, вели Димески.
Оваа година се обиделе да тргнат од негде, да се направи попис на сите оние горилишта во општината, т.е. оџаци, за да направат попис од каде чади, што чади, што излегува. И, според тие податоци, да се мапираат сите реони, па да произлезат соодветни мерки.
„Дали се работи за куќи со домашно греење, на јаглен, социјални случаи итн. Сето тоа би ни дало основа да изградиме некаква политика и да го намалуваме загадувањето од Центар. Ако луѓето се греат на печки постари од 20-30 години, би имало намалување ако им овозможиме нови печки. Но, за жал, тој амандман ни беше одбиен, а требаше да биде првиот од ЛЕАП-от. Ајде да видиме како општината ќе делува понатаму“, потенцираше Димески, дополнувајќи и дека границата на Водно е подигната и има тенденција тие градби да се шират и кон Средно Водно.
Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“, кој влезе во Советот на Град Скопје, се осврна на т.н. нискобуџетни мерни станици. Амандманот на нивната иницијатива беше прифатен, со цел да почнат да градат хипер-мрежа на станици, за кои вели дека ќе дадат индикативни показатели и ќе бидат во корист на инспекторите на терен.
„Поминувањето на амандманот не значи дека ќе биде 100% остварен. Многу амандмани и претходно биле ставени, но неисполнети. Ние како советници мора да буткаме овие ветувања да бидат исполнети“, нагласи тој.
Посочи дека Град Скопје има надлежност на над 40 оператори со Б-интегрирани дозволи, па сензорите би помогнале против аерозагадувањето. Исто така, вели тој, треба да има и поголема меѓуопштинска соработка со Центар, Карпош, Чаир, Шуто Оризари….
„Ние можеме да правиме мерки за аерозагадувањето, за бесплатен јавен превоз, пар-непар за возила, забрана за индустрија, но, ако немаме податоци, не можеме да процениме како тие мерки дејствуваат врз намалување на загадувањето“, нагласи креаторот на „МојВоздух“.
Уште пред да влезат како советници од ЗХГ во Советот, вели тој, инститирале за сите големи загадувачи, мапирани во Скопје, да се поставен периметарен мониторинг систем.
„Тоа значи, околу самиот комплекс на фабриката да се постави мерна станица и во средината да се постави мерна станица која го следи струењето воздухот. Доколку со закон се постават на сите загадувачи – ќе знаеме колкав е нивниот удел“, смета тој.
Елмедина Абдулаи, советничка од иницијативата „Подобро за Тетово“, спомена дека Тетово во 2015 година со „Југохром“ бил најзагаден град во Европа. Станале рекордери и во светот со 14 пати повисоки вредности на ПМ10 од дозволеното.
„Никој не веруваше дека ќе успееме, но еве Тетово денес има 60% помалку загаден воздух. Тоа покажува дека ако има добра организација меѓу граѓаните, соработка, ако има политичка волја – може да се реши“, посочи Абдулаи.
Со енергетската криза, смета таа, ќе биде тешко да се решава загадувањето од домаќинствата, а полесно од индустријата и јавните објекти.
„Во Тетово уште пред 5 години го направивме тоа што Горјан го предложува за Скопје. Навистина тие мерни станици се евтини, порано политичарите ги викаа ‘од Али експрес’. Но, ги поставивме и си знаеме кога и кој дел од градот е позагаден. Пример, во индустрискиот дел на Тетово има мали фабрики со Б-интегрирани дозволи, таму навечер е најмногу загадено. Што, покажува дека нешто се случува кога сите спијат или инспекторите не работат. Таму каде загадувањето е повеќе од куќите, тогаш е поконцентрирано наутро“, посочи таа.
Како советници побарале да се повлече Програмата на општинскиот Сектор за животна средина, бидејќи тврдат дека таа не е доволна. Направиле екипа за нејзино доработување, за да се најдат пореални решенија.
„Бараме инспекторите да работат 24/7. Ако има загадување во 1 часот навечер, тогаш инспекторите треба веднаш да реагираат. Побаравме и после секоја посета на инсталацијата да се репортира, да знаат граѓаните што е направено. Друг проблем е што имаме 44.000 коли, процентуално најмногу во Македонија. Со законите се дозволи да ги увеземе сите стари коли од Европа, без еколошки стандарди“, нагласи Абдулаи.
За проблемите во Струмица зборуваше Ѓорѓи Танушев од иницијативата „Стига е“. Иако оваа општина е незадолжена, од буџетот одвојува скоро 14% за екологија и има гасоводна мрежа од 43 километри, сепак, вели дека Струмица е рекордер во загадување.
„Мерките и сите средства не даваат резултат, туку станува се’ полошо. Гледам дека голем дел од луѓето имаат проблем со решение за огрев. Но, навистина, во град каде има две фабрики со А-интегрирана еколошка дозвола, имаме 100-ина со Б, тогаш останува прашање кој ја загадува Струмица? Еден дел од решението е да се активираат општинските инспектори, кои, за жал – ги нема на терен. Тие се неекипирани. Не постојат мерни инструменти со кои би располагале. Нема сертифицирана опрема, ниту тренинг за таа работа“, реагираше Танушев.
Нагласи дека индустријата во Струмица е составена од голем број помали инсталации, кои, пред се’, имаат дрвна индустрија, продажна на текстил и процеси кои не би требало да загадуваат, посебно со достапноста до гасоводна мрежа.
„Мораме да идентификувам кој ја загадува Струмица, можеби треба да се направи мрежа од индикативни мерни станици? Голем проблем е и што раноградинарските оранжерии за затоплување користат 300 кубни метри дрво за една сезона, по оранжерија. Тоа загадува. Но, во исто време, тоа не е единствено што загадува“, рече тој.
Советничката Габриела Илиевска од иницијатива „Поинаку“, смета дека за разлика од сите други градови, Битола има „проблеми помножени со 10“.
„Битола ја има РЕК, болната точка за која никој не сака да зборува. Кај нас скоро нема место каде не е загадено. Дури и кај моликата на Пелистер, дури и таму има загадени делови. Треба системско решение и да се вклучи и државата со поширока стратегија за загадувањето. Како град имаме проблем со енергетскиот комбинат, бидејќи во 70% ја снабдува државата“, рече таа.
Како општина, покрај тензичните Совети, спомена дека имале промена во програмата за животна средина, од 3 на 10,5 милиони денари. Но, најголем проблем е недостатокот на стручен кадар.
„Понатаму, беа доделени 2.500 клими, но ниту едаш не добивме анализа, потврда дали е намалено загадувањето со тие клими? Субвенционираме и велосипеди, но, треба анализа и за нивните бенефити. Немаме ниту една велосипедска патека, а сакаме битолчани да се качат на велосипед?! Плус, имаме само еден инспектор за животна средина. Имаме пријави, но кој ќе ги реализира тие пријави?“, праша Илиевска, додавајќи дека како независни советници и иницијативи може треба да се размислува за некоја поширока мрежа на делување.
Барања до институциите
По дискусијата на ГИС, присутните собраа листа на конкретни барања до институциите. За локалната самоуправа, меѓу другото, да се носат и спроведуваат Планови за квалитет на амбиенталниот воздух, да се забрани греењето на домаќинствата со нафта и јаглен и да се изработи Регистар на загадувачи на локално ниво. ДУП-овите да се усвојуваат на транспарентен начин, да се обезбедат средства за акредитирани лаборатории, а инспекторатите јавно да ги објавуваат извештаите.
Од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) беше побарано да има координација на локалните инспектори. ДИЖС да се екипира и со стручен кадар, опрема и да има пристап до акредитирани лаборатории. Понатаму, да се променат стандардните оперативни процедури и листи за проверка при инспекцискиот надзор, да се зголемат вондредните надзори, но и да се овозможи правна помош при спроведување на инспекциските пријави.
За ресорното министерство, пак, присутните побараа да се оспособи Централната лабораторија и да се воведе редовно мерење на концентрации на тешки метали, полициклични ароматични јаглеводороди, бензен, прекурсорски супстанци на озонот и хемискиот состав на ПМ2,5. Исто така, редовно да се одржуваат мерните станици, да се донесе Законот за инспекциски надзор во животната средина, Законот за контрола на индустриски емисии, Правилник за квалитет на горива, а тука е и изработката на Регистар на загадувачи со А и Б-интегрирани дозволи.
Имаше и барања до самата Влада. Односно, да се акредитира државна лабораторија за квалитетот на горивата на Институтот за хемија при ПМФ, ако се знае дека во моментов сите мерења ги вршат две приватни компании кои се и снабдувачи со горива. Исто така, да се обезбедат реални средства за справување со аерозагадувањето, да се усогласат законите поврзани со судски постапки за инспекциските надзори и да се изрекуваат санкции, а притоа да се вршат и обуки за правните служби, судии и обвинители за еколошки проблематики.
Бојан Шашевски