На подрачјето на градот Скопје, минатата година, екипите на „Комунална хигиена“ отстраниле околу 11.000 кубни метри отпад од диви депонии, создадени од несовесно одлагање отпад од поединци и правни субјекти, информираат од јавното претпријатие.
Оттаму велат дека количеството отпад кое го отстрануваат од јавните површини секоја година сè повеќе се зголемува.
„Во текот на 2020 година беа расчистени околу 9000м3, во 2019 година беа расчистени 8721м3, во 2018 година 5144м3, додека во 2017 година ЈПКХС отстрани само 835м3 отпад од диви депонии“, додаваат од „Комунална хигиена“.
Еко-патролата на претпријатието во текот на 2021 година изготвила 1.359 информативно-едукативни записници кои им биле врачени на граѓани и на правните субјекти кои биле затекнати при неправилно одложување отпад, односно прекршување на Законот за јавна чистота. По врачувањето на записниците, тие додаваат дека сторителите отстраниле вкупно 801м3 неправилно одложен отпад од јавните површини.
Истовремено, оттаму посочуваат дека собрале и транспортирале 166.678 тони комунален отпад од скопските домаќинства и од 600 стопански субјекти во урбаниот и руралниот дел на градот. Во однос на минатата година, и количеството на подигнат отпад е зголемено за 5.18% односно 8.202 тони.
Од јавното претпријатие соопштија дека претходната година биле опожарени вкупно 32 садови наменети за одлагање комунален отпад, од коишто 13контејнери со зафатнина од 3,2м3, 17 контејнери со зафатнина од 1,1м3 и два сада наменети за примарна селекција на отпадот.
„Сите опожарени контејнери во најкус можен рок беа заменети со нови садови, со цел да се задржи ефикасноста и стандардната динамика на собирање и транспорт на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје“, додаваат тие.