Меѓународен тим научници ја изработија најдеталната тродимензионална мапа на Универзумот досега.
За само седум месеци, нивниот Инструмент за спектоскопија на црната енергија (ДЕСИ) ги сруши сите досегашни постигнувања во 3Д мапирањето на галаксиите и досега има пронајдено 7,5 милиони галаксии.
Проектот го раководи Лабораторијата Беркли, а инструментот успеал да го зголеми полето на телескопот преку користење на 5.000 оптички кабли.
Професорот Карлос Френк, од Институтот за космологија вели дека податоците на ДЕСИ можат да помогнат во откривање на некои од најинтимните тајни на космосот.
„Ова ќе помогне да бараме докази за природата на темната енергија. Исто така ќе научиме повеќе за темната материја и нејзината улога во тоа како се формираат и еволуираат галаксиите како Млечниот Пат“, рекол Френк, пренесе Би-Би-Си.
Системот со оптички кабли ја дели светлината од галаксиите, ѕвездите и квазарите во тенки нијанси на боја. Ова го открива нивниот хемиски состав, колку далеку се и колку брзо патуваат, што овозможува научниците да проучат колку многу и колку брзо Универзумот се шири.
Конечната 3Д мапа ќе им овозможи на научниците подобро разбирање на темната енергија, која сочинува 70% од Универзумот и го придвижува неговото ширење.
ДЕСИ создава податоци кои се однесуваат на периодот пред 11 милијарди години, што може да даде увид за раниот Универзум.
Викторија Фасет, докторанд на Универзитетот Дурам, вели дека ДЕСИ успева да собира многу повеќе објекти отколку досега откриените.
„Наоѓаме многу егзотични системи, меѓу кои и големи примероци на ретки објекти кои претходно не сме имале прилика детално да ги проучуваме“, вели таа.
До крајот на неговата мисија во 2026 година се очекува ДЕСИ во својот регистар да додаде уште 27,5 милиони нови галаксии.