Намалувањето на животните кои се распрскувачи на семињата ја уништува способноста на растенијата да се прилагодат на климатските промени, предупредува нова научна студија.
Безмалку половина од сите растенија зависат од животните кои ги шират нивните семиња, но научниците стравуваат дека овие растенија се во ризик да изумрат кога животните мигрираат во поладни места кои растенијата не можат едноставно да ги следат.
Научниците користеле систем на машинско учење од повеќе од 400 мрежи на ширење на семиња низ светот за да истражат што би се случило доколку животните ги напуштат местата кои се најпогодени од глобалното загревање. Тие откриле дека способноста на овие растенија да се прилагодат на климатските промени веќе е намалена за 60%, а предупредуваат дека тоа може да води кон трајно губење на некои растителни видови.
„Растенијата, по дефиниција, стојат во место, па на тој начин тие секогаш зависеле од животните за транспортирање на нивните семиња и полен. Но, сепак, луѓето систематски придонесуваат за изумирање на голем број големи животински видови кои се распрскувачи на семиња во историјата и праисторијата и продолжуваме да ги намалуваме нивните популации до денешен ден – особено во тропските предели. Студијата покажува дека овие основни функции на распрскување семиња драстично се намалени откако луѓето ги освоиле сите острови и континенти, оставајќи ги растенијата со мала отпорност против сегашните климатски промени“, вели професорот Карлос Перез од Универзитетот Источна Англија, кој бил дел од студијата.
Студијата истовремено нуди решенија. Меѓу нив се овозможување повеќе простор на живеалиштата кои се корисни за растенијата и биодиверзитетот со цел да се обнови растителниот свет.