За разлика од откажаното украсување на градовите и општините за дочекот на новата година, државните институции ја продолжија практиката на купување новогодишни пакетчиња за децата, а за оваа цел се потрошени 72.000 евра, соопшти Центарот за граѓански комуникации.
На повеќе од две третини од тендерите била добиена само по една понуда, а на помалку од една третина од тендерите имало по две или три понуди. Меѓу фирмите од кои се набавувани пакетчињата убедливо води фирмата Колид од Колешино од каде се купени една четвртина од пакетчињата, наведуваат од центарот.
„Најмногу институции купувале пакетчиња за децата на своите вработени, а помал дел купиле пакетчиња и за деца кои се наоѓаат во болница, специјални училишта и сл. Најголем дел од пакетчињата се со традиционални кондиторски производи, но има и такви со литература и материјали за цртање за деца. Најмногу пакетчиња, 3.274 купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена. Блиску, според бројот на купени пакетчиња е и Општина Прилеп со 3.030. Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1.377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, односно околу 10.000 евра потрошил Град Скопје“, посочуваат од ЦГК.
Некои институции купиле по неколку видови пакетчиња, односно поевтини и поскапи. Меѓу институциите кои купиле најскапи пакетчиња, покрај Општина Новаци спаѓаат и Општина Битола по цена од 1.050 денари, Град Скопје по цена од 973 денари, М-НАВ по 853 денари и Министерството за одбрана по цена од 840 денари. Просечната цена што институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари.
„Сепак, поединечните цени и количините на купените новогодишни пакетчиња се познати само за оние институции кои имале тендер за оваа намена, но не и за останатите 37 кои купиле пакетчиња за пониска вкупна вредност од законскиот лимит за спроведување на тендер“, појаснуваат од ЦГК.
Според Базата на податоци на купени новогодишни пакетчиња, тендери за купување пакетчиња за новата година имале 20 институции, додека други 37 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавните набавки бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра – колку што е вредносниот праг под кој што не важи законот.
Сепак, и некои од институциите што спровеле тендер набавиле пакетчиња за помалку од илјада евра, но решиле тоа да го направат со примена на Законот за јавните набавки поради поголема транспарентност, додаваат од ЦГК.
„Вкупната сума пари потрошени за пакетчиња за новата 2022 година изнесува 72.571 евро, но се очекува оваа вредност да биде уште поголема имајќи предвид дека некои институции сѐ уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена“, стои во соопштението на центарот.
Од ЦГК велат дека основа за пресметка на трошењата на институциите за новогодишни пакетчиња се податоците од вредноста на склучените договори за јавни набавки објавени на Електронскиот систем за јавни набавки. Дополнително, тие додаваат дека нема податоци дали институциите ги купиле сите договорени количини на пакетчиња.