Судот во Австралија ја одби жалбата против депортација поднесена од страна на тенисерот Новак Ѓоковиќ, па светски познатиот спортист оваа година нема да настапува на турнирот „Аустралијан Опен“, пренесува „Euronews“.
Тројца судии ја потврдија одлуката донесена во петокот од министерот за имиграција Алекс Хок за укинување на визата на 34-годишниот Србин поради јавен интерес.
Судиите ги отфрлија тврдењата на одбраната на Ѓоковиќ, дека одлуката на државата е „нелогична“.
Одлуката значи дека Ѓоковиќ, кој не е вакциниран против КОВИД-19, ќе ја напушти Австралија.
Одлуката за депортација од Австралија најчесто значи и тригодишна забрана за враќање во државата.
Одлуката става крај на повеќедневната „сага“ во која Ѓоковиќ требаше да ја одбрани својата титула од „Аустралијан Опен“ да ја освои рекордната 21. Грен слем титула.
Во кратка изјава по донесувањето на судската пресуда, Ѓоковиќ нагласил дека е „длабоко разочаран“, но исто така изјавил дека ќе соработува со властите.
„Ќе се обидам да се одморам и да се соземам пред да дадам дополнителни изјави“, рекол тенисерот.
Австралискиот министер за имиграциони политики Алекс Хок ја поништи визата врз основа дека присуството на Ѓоковиќ во Австралија може да биде од ризик при одржувањето на редот кај австралиската јавност, додавајќи дека присуството на тенисерот е контрапродуктивно кон обидите за вакцинирање на австралиската јавност.
Премиерот Скот Морисон ја поздрави одлуката, која според него, „ќе ги зацврсти границите, чувајќи ги жителите безбедни“.
Од Националната федерација која го организира турнирот „Тенис Австралија“, изјавиле дека ја почитуваат одлуката на судиите.
„Очекуваме борбено и забавно издание на „Аустралијан Опен“ и им посакуваме среќа на сите учесници“, се вели во соопштението на федерацијата.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека судењето „е фарса со големи лаги“.
„Тие мислат дека го понижија Ѓоковиќ со десетдневното малтретирање, но тие се понижија себеси. Ако кажеа дека невакцинирано лица не може да влезе во земјата, Новак немаше да отиде или ќе се вакцинираше“, истакнал Вучиќ за медиумите.
Тој дополнил дека му кажал на тенисерот дека „едвај чека да го види во Србија, неговата земја, каде секогаш е добредојден“
JUST IN | Novak Djokovic under AFP escort in the lounge at Melbourne Airport ahead of his flight back to Europe via Dubai next hour. #AusOpen pic.twitter.com/Mb47tW76VC
— Shane McInnes (@shanemcinnes) January 16, 2022