Со 62 гласа „за“, синоќа пред полноќ Собранието ја изгласа новата Влада на Република Северна Македонија предводена од премиерот Димитар Ковачевски, која ќе има мандат до 2024 година.
Новата извршна власт ќе има 21 член. И покрај заложбите за поголема родова еднаквост, со министерските позиции ќе раководат 17 мажи и само 4 жени. Бројот на жени во владиниот тим е ист како и во претходната Влада, иако новиот состав ќе брои едно министерство повеќе. Славица Грковска е назначена за вицепремиерка за борба против корупцијата, Славјанка Петровска, ќе го води Министерството за одбрана, Јована Тренчевска Министерството за труд и социјална политика, додека Бисера Костадиновска-Стојчевска е нова министерка за култура.
На вицепремиерските функции ќе се најдат уште и Артан Груби (политички систем и односи со заедниците), Бојан Маричиќ (европски прашања), Фатмир Битиќи (економски прашања) и Џемаил Чупи (дијаспора). На своите досегашни министерски позиции остануваат и Оливер Спасовски (МВР), Крешник Бектеши (економија), Фатмир Бесими (финансии), Горан Милевски (локална самоуправа), Бујар Османи (МНР), Благој Бочварски (транспорт и врски) и Насер Нуредини (животна средина и просторно планирање). Промена во ресорите има кај Јетон Шаќири, кој од Министерството за информатички науки преоѓа во Министерството за образование и наука и Љупчо Николовски, кој од вицепремиер сега ќе биде министер за земјоделие.
Нови министри се и Никола Тупанчевски (правда), Беким Сали (здравство) и Адмирим Алити (информатичко општество и администрација).
Шестмина од предложените владини функционери имаат образование поврзано со економијата, петмина се правници, двајца имаат медицинско образование, а во Владата ќе седат и по еден математичар, архитект, лингвист, социолог, информатичар, менаџер, комуниколог и професор по религија.
„Во Владата ќе понудам концепт на управување и работа кој нема да објаснува зошто нешто не може да се заврши и колку е тоа тешко, туку модел во кој секој ќе знае што, како, кога и зошто ќе работи. И ќе се мерат резултатите на сработеното, а не на плановите. Бидејќи од ветувања и надежи не се живее. Добар и квалитетен живот, повисок стандард и мир и спокојство се обезбедува само со многу труд. Тоа ќе биде нашиот модел на работа. Економијата, како и во секоја држава, е клучната област. Не чека тешка година, со многу надворешни влијанија, но токму затоа имаме План и за големата енергетска криза. Знаеме како до подобрување на куповната моќ и стандард на населението, и како да поттикнеме развој на стопанството и поддршка на компаниите. Не очекуваме и не бараме 100 дена грејс период за нова Влада. Едноставно, нема време за запознавање и анализи. Влегуваме во жарот на проблемите и предизвиците и ќе сториме се да бидеме успешни и ефикасни, за што јавноста и пратениците ќе не контролираaт“, рече Ковачевски пред изборот на Владата.
Во Програмата на Владата за периодот 2022-2024 година фокусот е ставен на справување со пандемијата и енергетската криза. Во документот се потенцира и забрзан економски раст, владеење на правото, заштита на животната средина како и справувањето со дезинформациите.
За младите во програмата е посветен посебен дел наречен „Младите во фокусот“, во кој се ветува намалување на младинската невработеност, зголемување на пазарната вработливост и подобрување на квалитетот на животот на младите, вклучување на младите во процесите на одлучување и развој на нивните капацитети.
Дел од специфичните мерки на кои ќе биде фокусирана новата Влада се и покривање на придонесите за секое вработено лице до 29 години кое ќе се вработи за прв пат, поврат на персонален данок на доход за сите нововработени млади под 30 години на нивните сметки, воведување платена работа за студентите во студентските домови, креирање и објавување „регистар на млади умови“ ширум светот и нивно активно вклучување во креирање политики, како и зголемување на бенифициите од Европската младинска картичка.
[Инфографик] Што има во биографиите на новата предлог-Влада?