Коктелот од хемиски загадувања кој е присутен на планетата, сега е ризичен за стабилноста на глобалните екосистеми од кои зависи човештвото, велат научниците.
Според нив, пластиката е голем проблем, заедно со 350.000 синтетички хемикалии како пестицидите, индустриските отпади и антибиотиците. Загадувањето од пластика е присутно од врвот на Монт Еверест, па сè до дното на океаните. Истовремено, отровните хемикалии се долготрајни и проширени насекаде, пренесува „Гардијан“.
Истражувањето за загадување посочува дека хемиското загадување ја пробило горната граница на планетата, односно стигнало до точката каде човечките промени довеле до уништување на стабилната средина во последните 10.000 години.
„Петкратно е зголемено производството на хемикалии од 1950 година, а се очекува сегашните бројки трократно да се зголемат до 2050. Брзината со која општествата создаваат и пуштаат во употреба хемикалии во околината е спротивно од зачувувањето на животната средина за човештвото да може да просперира“, изјавила Патриција Виљарубија-Гомез, истражувачка вклучена во истражувањето.
„Веќе долго време, луѓето знаат дека хемиското загадување е лоша работа. Но никој од нив не размислува за овој проблем на глобално ниво. Хемиското загадување, особено пластиката, е главен мотив во приказната за човечкото загадување на планетата“, изјавила Сара Корнвел, професорка и истражувачка во Стокхолмскиот институт.
Да се процени дали хемиското загадување ја надминало хемиската граница е комплексен процес, бидејќи научниците немаат податоци за линеарната состојбата пред човештвото, за разлика од линеарното претставување на на климатската криза и нивото на јаглерод диоксид во атмосферата пред индустријализацијата. Денес се регистрирани голем број на хемиски состојки кои се регистрирани за употреба, околу 350.00, а само мал процент од нив се проценети како безбедни.
Истражувањето користело комбинации на мерења за да ја долови сегашната ситуација. Мерењата вклучуваат брзина на производство на хемикалии и нивното испуштање во околината, кое се случува побрзо одошто властите можат да ги најдат изворите или да го истражуваат нивното влијание.
„Постојат докази дека работите се во надолна линија на секој чекор. На пример, вкупната маса на пластика во природата, моментално ја надминува вкупната маса на сите цицачи на планетата. За мене, тоа е јасна индикација дека границата е надмината. Ние сме во неволја, но можат да се преземат мерки за да се ублажи штетата.
Според научниците, во иднина потребна е построга регулација врз производството и испуштањето на хемикалии. Истражувањето за хемиското загадување е објавено во научното списание „Наука за животна средина и технологија“.
Хемиската загаденост е петто надминување на планетарната граница потврдено од научниците. Останатите еколошки опасности над планетарната граница се глобалното затоплување, уништувањето на дивината, загубата на биодиверзитетот и загадувањето од фосфор и aзот.