Студентите не се свесни за сите облици на корупцијата што се присутни на нивниот факултет. Тие не знаат каде треба да пријават, но и се плашат од одмазда.
Ова според Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, се причините поради кои во прашалниците за евалуација кои ги пополнуваат студентите нема ниски оценки за предавањата и професорите. Тие не се ни воопшто прашани дали забележале корупција.
„Јас сум студентка од Правен факултет и ќе се снајдам, ќе го најдам членот во законот, но проблемот е што никаде не пишува кое е лицето со име и презиме каде треба да се обратам“, истакна таа на денешната дискусија организирана од Државната комисија за спречување корупција.
„Не можеме да очекуваме дека студент од прва година, кој е фрлен во морето на возрасните дека ќе успее да се снајде да упати пријава до лице на универзитетот, а не на некој поблизок до него на ниво на факултет“, додаде студентската претставничка.
Цветковска смета дека студентите не се виновни што не пријавуваат коруптивни дејства, бидејќи институциите се тие што ги научиле дека нема ништо да се реши.
„Да, може стереотипните форми на корупција не се толку застапени како во минатото, но сепак, формите на корупција сè уште постојат и сметам дека ни треба сериозно истражување за да ги дознаеме“, посочи Цветковска.
На ова се надоврза и студентската правобранителка при УКИМ, Теа Мицевска, која истакна дека студентите првично не си ги познаваат своите права, па оттука и не знаат кога им се прекршени.
„Прво е непознавање на нејзините облици. Се соочуваме со неконзистентна правна рамка. Законот за високо образование од 2008 подлежи на многу промени, предизвикува правна несигурност. Понатаму, честите промени на кадарот на МОН доведуваат до недоверба, непостоењето на нови и посовремени анализи и евалуации доведуваат да се навикнеме да живееме со корупција и ништо да не преземеме“, рече Мицевска.
Корупцијата се одбегнува во образовните документи, забележува студентската правобранителка.
Па така, во Законот за високо образование, од 228 члена само два зборуваат за корупција и тоа за начинот на кој се бира антикорупциски офицер при јавните универзитети и неговата должност. Во Етичкиот кодекс на УКИМ кој се донесе минатата година, пак, корупцијата се среќава само во поимникот со изрази, но и универзитетскиот Статут е оскуден за корупцијата, бидејќи се споменува само во делот за дисциплинската одговорност на студентите.
Проблемите да се решаваат еден по еден
За професорите, пак, поткупот за повисока оценка и купување книги од професор за полагање испит се застарени форми на корупција. Тие повеќе се фокусираат на партизацијата на академскиот кадар и падот на квалитетот на наставата.
Професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет „Јустинијан Први“ е антикорупцискиот офицер на УКИМ. Тој вели дека досега не добил ниту една пријава од студент за корупција.
„Ако студент на Право се плаши да пријави корупција, тој не треба ни да студира. Особено за некои професии, неприфатливо е како образложение дека студент по Право не може да се осмели да поднесе пријава за корупција, а утре треба да служи како обвинител“, коментира тој.
Според него, потребни се посериозни истражувања, бидејќи како што вели, во високото образование, целиот поим корупција е матен и може да доведе до мерки кои се во празно.
„Просто кажано, таму каде што има посериозен пристап, каде од студентите се бара повеќе знаење, ќе има повеќе корупција. Поради тоа што приликите нè натераа да ги спуштиме критериумите, затоа што се отворија безброј универзитети, знаењето што го бараме од студентот е под разумен стандард. Околу 50 отсто под знаењето во времето кога јас сум студирал. Тоа значи дека практично генерациите кои излегуваат имаат малку знаење, а во исто време се намалува корупцијата, сите положуваат. Дури и од врски нема потреба“, забележа тој.
Ниту една формална пријава за корупција не добиле ниту надлежните во Универзитетот „Гоце Делчев“. Организирале дебати и дискусии, прикачувале плакати пред предавалните да не се даваат подароци на професорите, но во пракса според Олга Кошевалиска, тамошниот антикорупциски офицер, тоа сепак се случува.
Од 2012 тие имаат воведено електронска библиотека, така што е забрането да се продаваат учебници и сите професори имаат обврска да изработат скрипта во електронска форма која ќе биде бесплатно достапна на студентите. На тој начин, уверува Кошевалиска не може да се условуваат студентите за испит.
Нивниот колега од Правниот факултет при Универзитет во Тетово, Кебир Абзиу, првично рече дека кај нив не забележал корупција во изминативе две години колку што е на функцијата. Но, потврди дека имало случај каде студенти се пожалиле на професор кој им барал да купат книга за да може да полагаат испит.
„Го повикав професорот, му кажав дека тоа не е етички и го руши интегритетот на факултетот и од тогаш не го повторува тоа“, раскажа Абзиу.
Корупцијата по дефиниција се случува кога казната што следи од коруптивното дејство е многу помала од добивката, но според професорката од Правниот факултет при УКИМ, Ана Данева Павлова, она што не се спомнува во теоријата е неказнивоста.
„Веќе нема што да се калкулира, однапред се знае дека може да се помине без казна“, вели таа.
Данева Павлова се осврна на политичкиот притисок кој го добиваат јавните високообразовни институции при регрутирање на кадар.
„Доколку при секое пензионирање на еден професор, нам ни треба согласност од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии, ние зависиме од државата“, коментира таа.
Па така, ако надлежните сакаат да корумпираат и да извршат притисок, професорката потврдува дека се случувало да се одобрат средства каде што се потребни, со услов да се прими кадар кој не е потребен. Па наместо двајца, се примаат тројца вработени. Во вакви случаи, тие се ставени пред предизвик да примаат лица кои не се потребни и да подлегнат на притисокот, или да се откажат и да не создаваат подмладок, вели професорката.
„Ние немаме ниту еден асистент, нешто што не се случило никогаш во минатото“, реагира Данева Павлова.
Според неа, изворот на корупцијата почнува од повисоките институции како Министерството за образование и наука и образование. Решението, пак, го гледа во најрана едукација на младите за нивните права, како и отчетност и транспарентност на универзитетите и студентските организации.
Задоцнета акредитација
Само минатата година, 1. 000 студиски програми добиле акредитација во Северна Македонија. Оваа бројка според професорот Мишо Докмановиќ од Правниот факултет при УКИМ треба да ги замисли сите.
Пред две години, со задоцнување, Агенцијата на квалитет за високо образование официјално е запишана во регистар, а потоа и Одборите за акредитација и евалуација на високото образование. Националниот совет, пак, е формиран дури во април минатата година. Тој е задолжен за оценка на високото образование и ги донесува најстратешките документи.
Според директорот на Агенцијата, Агим Рушити, тие работат со акти кои не одговараат со актуелниот Закон за високо образование.
„Голем проблем што се однесува на нормалното функционирање е кадровската политика. Пак сме зависници од Министерството за образование и наука. Агенцијата е формирана само со директор во 2020, во јули со уште двајца вработени. Ние функционираме тројца вработени во Агенцијата, а законските задолженија на Агенцијата се со голема важност и зависи од вработените“, посочи Рушити.
„Агенцијата бараше вработување и имаше буџет, но не можеше да се реализира затоа што МОН не ги проследуваше во Министерството за финансии“, рече тој.
Според директорот на Агенцијата, најважен документ е Стратегијата за развој на образование, но и таа е донесена врз основа на стариот Закон за високо образование.
Решенијата ги гледа во обезбедување автономија, отчетност на сите тела кои се дел од политиките за високо образование, обезбедување на човечки ресурси кои во себе си носат компетентност, одговорност и чесност, како и одржлив систем за финансирање, а не по акти кои како што истакна Рушити, се истите од 1988 година.
„Постои финансиска зависност. Агенцијата е корисник, иако само стручен орган, на буџет од втора линија од буџетот на МОН. За една обична набавка, за една потреба во Агенцијата, ние треба да бараме одобрување од министерот за да ги користиме тие средства. Нема логика“, коментира Рушити.
Инаку, денеска е Меѓународниот ден на образованието, кој секоја година се слави на 24 јануари. Оваа година се одбележува четвртата година од одбележувањето на тема: „Промена на текот, трансформирање на образованието“.
Емилија Петреска