Македонскиот музички состав „Лилит“ го објави деби албумот насловен „Чудо“, кој сега е достапен и онлајн. Во него се сместени 12 композиции, меѓу кои и четирите објавени синглови, „Чудо“, „Миризлива градина“, „Хоризонт“ и „Одговор“.
Истоимениот прв сингл беше издаден во 2019 година, па така, албумот е круна на 3- годишно активно творење. Како најава за издавањето на албумот, „Лилит“ приреди и виртуелен концерт во проширен состав – со тапанарот Сашо Стојановски, брас секцијата составена од Сашко Николовски Сале, Сенад Усеин и Кирил Кузманов, како и пратечките вокали Калина Велковска и Полина Тасева.
„’Чудо’ е дете на искрена, бескомпромисна љубов кон музиката. Без желба да се идентифицираме со било кој музички жанр, бидејќи секоја идентификација е рамка, граница, овој албум ги дава контурите на еден слободен ентитет кој стои позади името Лилит. Тоа се луѓе од различни планети кои Лилит ги транспортира на Земјата, и само тука имаат смисол и логика“, велат од „Лилит“.
Јадрото на бендот го сочинуваат вокалот Емилија Колоска, Трајко Симоновски на бас гитара, Иван Петровски на гитара, Филип Димишковски на клавијатури и Мартин Вучиќ на тапани.
Како гости соработници на албумот се појавуваат музички имиња како Сашко Николовски Сале, Дамир Имери, Иван Иванов, Игор Атанасовски Харе, Зоран Костадиновски, Дарко Илиевски, Јадранка Кристов, Петрит Сарачини и Стефанија Георгиева.
Албумот „Чудо“ е достапен онлајн на Bandcamp, а може да се купи и во музичката продавница „АП(о)ТЕКА“ во Младинскиот Културен Центар. Концертната промоција на албумот пак може да се проследи тука.