Северна Македонија се најде на 87-то место од 180 светски држави според Индексот за перцепција на корупцијата, кој секоја година го објавува Транспаренси Итернешнел.
Со 39 поени, на скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, земјава напредувала дури 24 места во споредба со минатогодишното рангирање. Во споредба со лани Индексот е зголемен за четири поени, раст кој е еден од најголемите во светот оваа година, заедно со напредокот на Малави (+5 поени во споредба со минатата година), Сејшелите, Судан и Папуа Нова Гвинеја (+4).
Земјава и покрај скокот и оваа година останува меѓу најлошите во регионот според перцепцијата на корупција. Пред Северна Македонија на листата се наоѓаат Словенија (41 место), Грција (58), Хрватска (63), Црна Гора (64) и Бугарија (78), додека Косово е рангирано на исто место. Полош скор имаат само Србија (96), Босна и Херцеговина и Албанија (110).
Во светски рамки Данска, Финска и Нов Зеланд се на врвот, како најмалку корумпирани држави. Тие го делат првото место со скор од 88 поени од можни 100. Зад нив во првите 10 држави се уште и Норвешка, Сингапур, Шведска, Швајцарија, Холандија, Луксембург и Германија. Како најкорумпирани земји во светот се сметаат Јужен Судан, Сирија и Сомалија, кои се на последните три позиции.
Индексот за 2021 година открива дека корупцијата глобално останала на речиси исто ниво во споредба со минатогодишниот извештај. Последнава година 25 земји забележале напредок, додека 23 држави назадувале на Индексот.
„И покрај заложбите на хартија, 131 држава не направиле никаков значаен прогрес во поглед на корупцијата последнава деценија, а оваа година 27 држави се на историски најниско ниво според нивните индексни поени. Во меѓувреме човековите права и демократијата низ светот се под напад. Ова не е случајност. Корупцијата ги овозможува кршењата на човековите права. И обратно – обезбедување на основните права и слободи значи и помалку простор за корупцијата да помине неказнета“, стои во извештајот на Транспаренси Интернешнал.
Од организацијата потенцираат дека е неопходно да се забрза борбата против корупцијата за да се намалат кршењата на човековите права и демократското назадување низ Планетата.
Ова е 27-ма година како се објавува Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнел. Тој прикажува колку е корумпирана земјата според перцепциите на експерти и бизнисмени преку 13 извори на податоци, од 12 различни независни институции.