Може ли медиумското образование да ни помогне да го следиме темпото на развој на технологијата, или универзитетското образование е осудено секогаш да доцни еден (или неколку) чекори? Како развојот на технологијата и консумирањето дигитални медиумски содржини го редефинираа медиумското образование? Дали медиумското образование е лекот против манипулации и дезинформации? Што треба да биде предметот на истражувањата и анализите во сферата на медиумското образование? Како да се преточат резултатите од истражувањата во образовна практика? Кои вештини и компетенции треба да се развијат?
Ова се дел од прашањата на кои ќе се дискутира на дводневниот виртуелен симпозиум кој ќе се одржува преку „Зум“ на 3 и 4 февруари во 11 часот, кој се одржува во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост.
На симпозиумот ќе бидат присутни академици, луѓе кои работат во областа и млади истражувачи од САД, ЕУ и Западен Балкан, за да разговараат за медиумската писменост и медиумското образование. Преку дискусија за нивните согледувања и искуства, панелистите ќе ги истакнат различните пристапи за проучување на клучните прашања за дигиталната медиумска писменост, како медиумската писменост влијае врз општеството, како и улогата на медиумската писменост во промовирањето граѓански ангажман и дигитално граѓанство.
„Новите технологии и дигиталните медиуми го обликуваат светот денес, а заедно со него и нашите демократии и општества. Развојот на технологијата создава можности и закани за начинот на кој ги согледуваме информациите, политиката и односите. Во изминатите децении, медиумската писменост и медиумското образование најмногу го нагласуваа критичкото размислување, потребата да се разбере како се создаваат информациите и како се организирани медиумите. Но, со развојот на технологијата и платформите за социјални медиуми, шаблоните на креирање медиуми и консумирање медиумска содржина се веќе нејасни“, велат организаторите.
Заинтересираните кои би сакале да ги следат сесиите, можат да се регистрираат на следниот ЛИНК.
Симпозиумот се одржува во рамки на проектот на УСАИД за медиумска писменост, YouThink, кој го спроведува ИРЕКС заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Институтот за комуникациски студии (ИКС) и Младинскиот образовен форум (МОФ). Активностите на YouThink се овозможени со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД).
Повеќе информации и агендата на настанот може да ја најдете на следниов ЛИНК.