Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск изјави дека родителите не треба да ги осудуваат геј децата, туку да им пружат поддршка, пренесува „Н1“.
Тој ги коментираше потешкотиите со кои се соочуваат родителите во воспитувањето на нивните деца. Папата рече дека меѓу споменатите прашања се и родителите кои забележуваат различна сексуална ориентација кај своите деца, но и како треба да се справат со тоа и да не се кријат зад ставот на осуда.
Франциск претходно нагласи дека геј лицата имаат право да бидат прифатени од нивните родители, браќата и сестрите. Исто така, тој наведе дека Римокатоличката црква не може да прифати истополови бракови, но дека може да ги поддржи граѓанските закони кои им даваат заеднички права на геј партнерите кога станува збор за здравствена заштита, пензијата и прашањата за наследство.
Минатата година Ватикан издаде документ во кој се наведува дека католичките свештеници не можат да им дадат благослов на истополовите заедници, што многу ги разочара хомосексуалците кои се католици.