Метузалем е риба која сака да јаде свежи смокви, ужива да ја чешкаат по стомакот и се верува дека е најстарата жива аквариумска риба во светот, пишува АП.
Во Библијата, Метузалем е дедо на Ное кој живеел до 969 години. Рибата Метузалем не е баш толку древна, но биолозите од Академијата на науките во Калифорнија веруваат дека е стара околу 90 години, без познати живи врсници.
Метузалем е австралиска, т.н. белодробна риба долга 1,2 метри, тешка 18,1 килограми, донесена во музејот во Сан Франциско во 1938 година од Австралија. Таа е примитивен вид со бели дробови и жабри и се верува дека ја претставува еволутивната врска меѓу рибите и водоземците.
Не е толку непозната за публицистиката. Првото појавување на Метузалем во весникот „Сан Франциско Хроникл“ беше во 1947 година, со објаснување: „Овие чудни суштества – со зелени лушпи кои изгледаат како свежи листови од артичока – на научниците им се познати како можна ’алка што недостасува’ меѓу копнените и водните животни“.
До пред неколку години, најстарата австралиска белодробна риба беше во Аквариумот Шед во Чикаго. Но, таа риба, по име Дедо, почина во 2017 година на 95-годишна возраст.
„По дифолт, Метузалем е најстарата“, вели Алан Јан, постар биолог на Академијата и чувар на рибите. Негувателите на Метузалем веруваат дека рибата е женка, иако е тешко да се одреди полот без ризично вадење крв. Академијата планира да испрати мал примерок од нејзината перка на истражувачи во Австралија, кои ќе се обидат да го потврдат полот и да ја дознаат точната возраст на рибата.
Јан вели дека Метузалем сака да се чешка и гали по грбот и стомакот и дека е „спокојна“ личност.
„Им велам на моите волонтери, преправајте се дека е подводно кученце, многу меко, нежно, но секако ако се исплаши ќе има ненадејни напади на енергија. Но, во најголем дел таа е само мирна“, рече Јан.
Метузалем развила вкус за сезонски смокви.
„Таа е малку пребирлива и сака смокви само кога се свежи и во сезона. Таа нема да ги јаде кога се замрзнати“, рече Жанет Пич, портпаролка на Академијата на науките во Калифорнија.
Академијата има уште две австралиски белодробни риби кои се помлади, за кои се верува дека се на возраст од 40 или 50 години, посочува Јан.
Австралиската белодробна риба сега е загрозен вид и повеќе не може да се извезува од австралиските води, па биолозите од Академијата велат дека е малку веројатно дека ќе добијат замена откако Метузалем ќе умре.
„Ние само ѝ ја даваме најдобрата можна грижа што можеме да ја обезбедиме и се надеваме дека ќе напредува“, рече Јан.