[Галерија] Ретро скопски ноќен живот

Мусандра, „ХардРок“, „Хавана“, „Малибу“, „Технометал“… Како изгледале билетите за влез во првите дискотеки во Скопје?

Андријана Апостоловска, која работи во Одделот за дигитализација при Градската библиотека „Браќа Миладиновци“, вели дека преку ова истражување, сакале да внесат нешто интересно на веб-страната на дигиталната библиотека, нешто што ќе биде поинтересно и за пошироката публика.

„Првите пропусници и влезници за влез во диско-клубовите во време од 1970 до 1995 година беше предизвик за одделот. Ни беше потребно повеќе време (посебно во време на пандемија), тешко можевме да дојдеме до одредени луѓе, менаџери на тие дискотеки, но сепак почнавме да скенираме дел од нивните влезници и фотографии кои ни ги дадоа“, објаснува Апостоловска додавајќи дека останатите ќе ги соберат во текот на годината.

За овој истражувачки процес било потребно околу една година.

„Скопскиот ноќен живот пред 50 години бил доста интересен, па затоа сакаме да го прикажеме на јавноста, посебно на младите генерации. Сè уште сме во фаза на собирање материјал, да се надеваме дека нема да имаме пречки во тој процес“, вели таа.

Целосната галерија е достапна на веб-страната на дигиталната библиотека, а во продолжение пренесуваме дел од пронајдените билети.

 




Ивана Смилевска