Затворањето на годинешното издание на Пиволенд мина во знакот на Ареа, групата која по подолго време се појави пред скопската публика и беше пречекана со голем аплауз. Публиката беше одлично расположена, а Скопското Кале ечеше од препознатливите хитови „Сите мои слики“, „Одведи ме“, „Јас сум ти пријател“.
Посетителите, главно тинејџери, со голема радост го проследија и настапот на Паркети, каде заедно со бендот ги пееја нивните песни.
Бендот Rover’s hangover, кој и покрај дождот во четвртокот настапи на стејџот на Радио МОФ, како Fighting Windmills, чиј настап беше планиран за сабота на истиот стејџ, на шестата бонус-вечер на Пиволенд излегоа на главната сцена и направија одлична забава за публиката.
Посетителите на Пиволенд синоќа имаа можност да ги слушнат и Пука Козметика, Dj Tanja, Fighting Windmills, Shutka Roma Rap, Dj Tina, а забавата и покрај тоа што беше понеделник, траеше до доцна во ноќта.
Синоќа и официјално беше затворен Пиволенд 2013. Годинешното издание, поради лошите временски услови и релативно слабата посетеност првите денови, овојпат траеше шест, наместо најавените пет дена.