Отава, главниот град на Канада, втор ден беше блокирана од камионџии кои протестираат поради мерката за задолжителна вакцинација при преминувањето на американско-канадската граница.
На маршот, наречен „Конвој на слободата“, се приклучија илјадници демонстранти, а со камиони беа блокирани улиците кои водат до зградата на парламентот и канцелариите на градоначалникот на Отава.
Полицијата соопшти дека започнала неколку истраги поради појава на знамиња со свастики на протестите, како и видео од жена која игра на гроб на непознат војник.
„Во тек се неколку истраги поради сквернавење на поголем број споменици во главниот град, како и заканувачко и незаконско однесување кон полицијата и администрацијата, како и оштетување на јавно возило“, напишаа од полицијата на Твитер.
Околу 90% од камионџиите кои ја преминуваат границата со САД во моментов се вакцинирани, што содејствува со процентот на вкупната возрасна популација во Канада. Сепак протестите не беа само за ставање крај на задолжителната вакцинација за преминување на границата, туку и за рестриктивните мерки против коронавирусот на национално ниво.
Канадскиот премиер, Џастин Трудо, ги нарече демонстрантите „мало маргинално малцинство“ на пресконференција претходната недела.
Во моментов камионџиите кои ја преминуваат границата мораат да одат во карантин доколку се невакцинирани, додека на сила е задолжителна вакцинација за сите вработени во државната администрација. Дополнителните рестрикции се регулирани на покраинско ниво, па така низ земјата постојат и рестрикции за патување со авионски и железнички превоз без потврда за целосна вакцинација, а без ваква потврда е забранет и влез на настани во затворен простор.