На младината треба да и се даде и простор на адаптација на политичката сцена со тоа што во дел од политичките прашања ќе биде активно вклучена, затоа што и самата младина е иднината на едно општество, вели студентот Кочо Николовски во младинската колумна за Радио Слободна Европа:
Познато е дека на македонската политичка сцена имаме одредени актери кои што очигледно се трудат да тераат политики за кои дали се успешни или не, одредува публиката односно народот. Но, што станува со младите кои што можеби се полни со идеи за подобро утре за народот, останува дилема.
Познати ни се политичари кои стапиле млади на политичката сцена и кои млади ги добиле највисоките позиции во некогашните влади, но сепак останува отворено прашањето што може да придонесе еден млад човек без големо политичко и животно искуство за еден граѓанин во оваа земја? Дали дејностите кои што би ги извршувал тој млад функционер би биле диригирани и од други лица или жарот и ентузијазмот кој е пропратен без големо политичко искуство би донеле напредок или пропаст за општеството.
Идеалот во денешно време на транзиција „не вреди ништо“, цитат на дел од денешната младина, која само го критикува ова општество, но не се труди и да делува со конкретни идеи и решенија за промена на истото. Се прашуваат „како јас да делувам?“.
Со тоа што има доволно теми на кои што може да се делува почнувајќи од оние како на пример квалитетот на воздухот кој што го дишеме. Каде сме ние младите „отруени“ од отровот кој полека не убива? Да застанеме и да побараме конкретни решенија за конечно справување со овој проблем?
Нé нема затоа што е тешко да се застане и да се бара решение за одреден проблем кој е толку голем и во кој треба сите да учествуваат се со цел побрзо решавање на истиот. Таква младина не е способна да застане и да води големи политички прашања во кои се вклучени и прашања за идентитет, образование, економија, здравство и многу други области.
Положбата на младите во политиката е на многу ниско ниво, не само заради притисокот кој и се наметнува туку и заради немањето храброст да се подигне интелектуална револуција против одредени структури. Потребно е на младината да и се даде активно/пасивно учество во политиката затоа што денешната младина е поведена од горе наведениот идеал а не од конкретно барање на решение на одредено прашање односно проблем.
На младината треба да и се даде и простор на адаптација на политичката сцена со тоа што во дел од политичките прашања ќе биде активно вклучена затоа што и самата младина е иднината на едно општество.
Но, пасивноста во активирањето на младите во политиката треба да биде исто така вклучена односно треба да и се даде до знаење дека политиката не е место за остварување на лични интереси и обезбедување на материјалните прашања туку да се стави до знаење дека политиката и политичката сцена се место за обезбедување на сигурност на општеството и решавање на големи проблеми.
Дали оваа денешна младина на која кога ќе и го поставиш прашањето што понатаму или што после факултет ти дава одговор ,, спасот е надвор” е спремна на промени? Не не е спремна затоа што во денешната младина отсуствува она што го вели Че Гевара во прошталното писмо до своите родители а тоа е „Јас сум единствениот авантурист од посебен вид, оној кој ја ризикува својата кожа за да го докаже својот случај”.
Сепак и во скора иднина на политичката сцена нема да видиме млади кои се спремни на овој цитат, но ако видиме таа младина ќе биде остро нападната од страна на искусните и истренирани политичари.
Извор: Радио Слободна Европа