„Спотифај“ ќе става известувања на подкасти каде се дискутира за КОВИД-19

По протестите на „Спотифај“ што ги започнаа Нил Јанг и Џони Мичел поради ширење дезинформации за вакцината против КОВИД-19, стриминг сервисот соопшти дека ќе додаде совети, известувања за содржината пред подкастите каде се дискутира за вирусот.

Во објавата во неделата, извршниот директор на „Спотифај“, Даниел Ек, најави потранспарентни правила на платформата со оглед на бурните реакции предизвикани од Јанг, кој во средата ја отстрани неговата музика од „Спотифај“ откако технолошкиот гигант одби да тргне епизоди на „The Joe Rogan Experience“, кој е критикуван за ширење дезинформации за вирусот.

„Лично, има многу поединци и ставови за ‘Спотифај’ со кои не се согласувам“, напиша Ек. „Важно ми е да не заземеме позиција да бидеме цензор на содржината, а истовремено да се погрижиме да има правила и последици за оние што ги прекршуваат“.

Ек рече дека советите/известувањата ќе линкуваат до Центарот за проверка на факти на „Спотифај“ во, како што рече, „нов напор за борба против дезинформациите“. Тоа ќе се појави во наредните денови, рече Ек. Тој не ги спомна конкретно Роган или Јанг.

И Роган одговори на критиките, тврдејќи дека само сака да има разговори на неговиот подкаст со луѓе кои имаат „различно мислење“.

„Не се обидувам да промовирам дезинформации, не се обидувам да бидам контроверзен“, рече Роган. „Никогаш не сум се обидел да направам ништо со овој подкаст освен само да разговарам со луѓе“.

Исто така, рече дека сам ги закажува гостите на својот подкаст и дека ќе се обиде да резервира лекари со различни мислења веднаш откако ќе разговара со „контроверзните“. Роган истакна дека претходно седнал на шоуто со д-р Санџеј Гупта, главен медицински дописник за Си-Ен-Ен, д-р Мајкл Остерхолм, кој е член на советодавниот одбор на претседателот Џо Бајден за КОВИД-19 и д-р Питер Хотез од медицинскиот колеџ Бејлор.

Роган дополнително ја поздрави идејата за додавање совети пред подкастите поврзани со КОВИД-19.

„Секако, нека го има тоа таму. Јас сум многу среќен со тоа“, рече тој.

Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган, војвотката од Сасекс, кои потпишаа повеќегодишен договор за да прават и водат подкасти на „Спотифај“ со нивната продукциска компанија „Archewell Audio“, во неделата го повикаа стриминг сервисот да ги скроти дезинформациите за вирусот.

„Минатиот април, нашите ко-основачи почнаа да изразуваат загриженост на нашите партнери во ‘Спотифај’ за премногу реалните последици од дезинформациите за КОВИД-19 на неговата платформа“, рече портпаролот на ‘Archewell’ во изјавата. „Продолживме да ја изразуваме нашата загриженост до ‘Спотифај’ за да се осигураме дека се направени промени на платформата, со цел да се помогне во решавањето на оваа јавна здравствена криза“.

Претходно во неделата, Нилс Лофгрен, гитаристот на Брус Спрингстин и член на „Crazy Horse“, чест соработник на Јанг, рече дека се приклучува на револтот на Јанг кон „Спотифај“. Лофгрен нагласи дека веќе ги отстранил последните 27 години од музиката и побара лабелите со неговата претходна музика да го сторат истото.

„Ги охрабруваме сите музичари, уметници и љубители на музиката насекаде да застанат со нас и да ги прекинат врските со ‘Спотифај’“, напиша Лофгрен во соопштението.