Со одложување од две недели, вкупно 255 илјади ученици од основното и средното образование денеска продолжија со физичка настава во второто полугодие. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири ги повика надлежните и учениците на дослeдно почитување на протоколите.
„Како министерство апелираме на доследно почитување на сите мерки кои се дел од здравствените протоколи – носење маски, одржување лична хигиена преку миење раце, држење дистанца и така натаму, за да ја задржиме наставата со физичко присуство колку што е можно повеќе, бидејќи реално дава најголема ефективност по однос на знаењето на учениците и на создавањето квалитетни генерации“, истакна Шаќири, при неговата посета на ООУ„Конгреси и Манастирит“.
Тој истакна дека според податоците на МОН, се бележи пад на бројот на новозаразени ученици со КОВИД-19. Сепак, остануваат и две други сценарија како алтернатива.
„Едното е преминување на целосно онлајн настава, а другото примена на комбиниран модел, доколку дојде до промена на епидемиолошката состојба која постојано се следи и доколку такви насоки даде Комисијата за заразни болести и доколку такви заклучоци произлезат од скринингот кој ќе го спроведува Министерството за здравство на ученици одбрани по случаен избор“, рече Шаќири.
Владата и МОН, по препораки на УНИЦЕФ, донесоа одлука второто полугодие да започне со одложен старт од две недели и со физичко присуство на сите ученици според утврдените и донесени протоколи.
Сојузот на средношколци вчера го потврдија својот став дека наставата треба да се одвива во училишните клупи. Доколку се јави влошување, велат од Сојузот, тогаш препорачуваат да се оди на комбинирана настава, а не целосно онлајн.
„За крај, не смееме да заборавиме дека образованието треба да биде приоритетен општествен сектор на една држава. Во време кога економијата функционира нормално без никакви рестрикции, во време кога сите други тривијални сектори се преплавени од посетители, не смееме како општество да си дозволиме образованието да го направиме исклучок“, се вели во соопштението.