„Кој е најдобриот играч на светот?“ „Која е најдобрата екипа во светот?“, „Која е најдобрата марка на цигари?“, „Мерцедес, БМВ или Ауди?“. Ова се прашањата на кои граѓаните ќе можат да „одговорат“ во гласачките кутии кои се поставени низ Тетово за селекција на отпушоците од цигари.
Гласачките кутии ги поставија активисти од организацијата „Мултикултура“ кои велат дека кутиите се на повеќе места во градот со цел да се реши проблемот со фрлените отпушоци од цигари, како и да се придонесе за селектирање на отпадот.
„Се проценува дека само една третина од отпушоците од 18 милијарди испушени цигари ширум светот завршуваат во ѓубре секој ден. Врз основа на оваа ниска свест на граѓаните, Мултикултура денеска ја спроведе еколошката акција #BintheButt во Тетово за ставање отпушоци од цигари во гласачките кутии“, соопштија вчера од „Мултикултура“.
Акцијата е дел од проектот „Позитивни промени за управување со комуналниот отпад во Општина Тетово“, финансиски поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.