За прв пат откако талибанците се вратија на власт, авганистанските државни универзитети почнаа да се отвораат, а студентките ќе можат да присуствуваат на предавањата, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Талибанската влада официјално не соопшти, но официјални лица од образовниот сектор за „Ројтерс“ изјавија дека на студентките им е дозволено да присуствуваат на предавања, но под услов да бидат физички одвоени од студентите.
Очевидец за „Ројтерс“ изјави дека во источниот град Џалалабад видел како студентки влегуваат низ посебна врата на Универзитетот Нангархар, еден од најголемите државни универзитети кои се отвораат оваа недела.
Под претходното владеење на талибанците од 1996 до 2001 година, на жените и девојчињата им беше забранет пристапот до образование.
Групата која повторно ја презеде власта во Авганистан на 15 август, минатата година, кога странските сили се повлекоа, тврдеше дека се променила, но не беше јасна кога се работи за образованието бидејќи на многу девојчиња сè уште не им е дозволено да се вратат во средните училишта.
Меѓународната заедница бара жените и девојчињата да имаат пристап до образование, додека талибанците бараат поголема странска помош и одмрзнување на средствата од странство.
Обединетите нации во вторникот го поздравија вклучувањето на студентките и нивното враќање на државните универзитети во земјата.
„ОН ја поздравија најавата дека на 2 февруари ќе почнат да се отвораат јавните универзитети за сите студенти. Од клучно значење е секој млад човек да има еднаков пристап до образование“, објави на Твитер мисијата на ОН во Авганистан.