Новинарката на Радио Телевизија Црна Гора (РТЦГ), Ана Поповиќ почнала да добива закани на 22 јануари преку социјалната мрежа Инстаграм, ден по известувањето за протестите во Подгорица. Новинарката случајот го пријавила во полиција на 25 јануари, а подоцна на 28 јануари повторно пријавила бидејќи непознато лице се обидело да изнуди пари од неа (5.000 евра). Основното обвинителство во Подгорица овој случај го квалификува како кривично дело кое се гони по службена должност, соопштуваат од регионалната мрежа „SafeJournalists“.
Маријана Цамовиќ Величковиќ, Претседател на Синдикатот на медиуми на Црна Гора, изрази загриженост поради зголемениот број на напади врз новинари за време на протестите или како резултат на известувањето за протестите кои сега речиси секојдневно се случуваат во Црна Гора.
„Поларизацијата во општеството, предизвикана од политичката ситуација, е на многу високо ниво но, како и секогаш, цената ја плаќаат новинарите и медиумските работници кои само си ја вршат работата“, изјави Цамовиќ Величковиќ. Таа посочи дека по уцената следела и заканата.
„Очекуваме полицијата и обвинителството веднаш да ја информираат јавноста за идентитетот на сторителот и мерките што ќе ги преземат во овој случај бидејќи поминаа неколку дена од инцидентот. Охрабрувачки е што овој напад веќе е означен како кривично дело кое се гони по службена должност“, изјави Цамовиќ Величковиќ.
Новинарката Поповиќ изјави дека „за жал, заканите и притисоците станаа составен дел на новинарството“. Таа истакна дека многу нејзини колеги веќе биле изложени на овие предизвици.
„На почетокот не бев сигурен дали треба да ги пријавам тие закани. Но, заканите продолжија и доаѓаа од истата адреса и беше се понепријатно. Бев навистина вознемирена и се чувствував загрозена и загрижена за мојата безбедност“. Поповиќ додаде дека се надева дека откривањето на сторителите на тие закани „ќе придонесе за создавање на општество во кое повеќе нема да има слични напади врз новинари, или барем да се сведат на минимум“.
Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци од Западен Балкан, се солидаризира со колешката Ана Поповиќ. Го поздравуваме фактот што властите реагирале брзо во овој случај и се надеваат дека брзо ќе го пронајдат сторителот и ќе го казнат соодветно. Очекуваат целосна транспарентност од надлежните за овој и за сите други случаи.
Мрежата ,,SafeJournalists” ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.
„Секој напад врз новинари е напад на јавниот интерес, демократијата и сите права на граѓаните“, посочуваат од Мрежата, која има свои членови-организации од Скопје, Белград, Подгорица, Приштина, Сараево и Загреб.