Народниот правобранител ќе формира предмет по сопствена иницијатива, а испрати и тим во гостиварското основното училиште „Башкими“ за да го испита случајот со четвртоодделенката Ембла Адеми.
Одлуката на правобранителот доаѓа откако група родители преку петиција ја бојкотираа наставата, бидејќи не сакаa нивните деца да бидат заедно во училница со Ембла која е со Даунов синдром, под изговор дека таа било агресивна. Сепак, по реакциите на јавноста, Ембла од денеска е повторно меѓу соучениците.
Според народниот правобранител, објавената сторија на ТВ Клан покажува голема незрелост на општеството, кое, како што вели, ни оддалеку не е подготвено во пракса да ја имплементира домашната и меѓународната регулатива која се однесува на инклузивноста на овие лица во секојдневниот живот.
Ембла се враќа во училиште откако вкоренетите предрасуди излегоа на виделина
„Недозволиво е овие ученици да бидат жртва на неподготвеноста на поединци да ги прифатат различностите и на истите да им биде отежнат пристапот до образовниот процес, кој со Устав и со закон им е гарантиран на сите подеднакво, без елементи на каква било дискриминација. Впрочем, изминатите години сите чинители во општеството кои се занимаваат со оваа проблематика, вклучувајќи ја и институцијата Народен правобранител дадоа голем придонес во реформите во образовниот процес, токму во делот кој се однесува на инклузивноста на учениците, затоа што различноста не смее да биде сфатена како казна, како што тоа е направено во конкретниот случај“, се вели во соопштението на народниот правобранител.
Тој ги охрабри родителите за ваквите случаи да не молчат, туку, како што рече, да се обратат до институциите, со цел навремена заштита на правата на нивните деца загарантирани со законите.
„Исто така, смета дека е добро што медиумите покажуваат сензибилност и ги објавуваат сториите, но укажува на фактот дека при објавувањето на овие стории мора максимално да се води сметка за заштита на најдобриот интерес на детето и да се избегнуваат експлицитни кадри или фотографии од децата“, додава народниот правобранител.
Претходно со реакција се јави и Хелсиншкиот комитет за човекови права, за кои овој случај е „најновиот пораз на општеството кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас“. Оттаму посочија дека подготвуваат претставки и дописи до повеќе институции со кои бараат итно разрешување на директорот на училиштето.
Од Министерството за образование и наука и Државниот просветен инспекторат бараат да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата.
[Став] Родители и наставници, не се откажувајте од образованието на атипичните деца!