Овој пат во рубриката #РаскажиМи го објавуваме расказот „Сѐ се создава двапати – еднаш во твојот мозок потоа во твојата реалност“ од Елена Шаптеска.
Елена Шаптеска е родена во Охрид, а студира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таа е бруцошка на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Добитничка е на повеќе награди и признанија во областа на прозата и поезијата.
Во продолжение прочитајте го расказот „Сѐ се создава двапати – еднаш во твојот мозок потоа во твојата реалност“.
Сѐ се создава двапати – еднаш во твојот мозок потоа во твојата реалност
Човековиот мозок е навистина една многу чудна кутија полна изненадувања. Кутија што е слична на онаа во која речиси секоја млада девојка собирала салфети со различни големини, дезени и бои. Внатре има сѐ, од најтемни бои до најчиста бела боја која личи на снежна покривка како од бајките. Во таа бела постела има и по некоја стапалка. Едни стапалчиња како тивки бебешки чекорчиња им припаѓаат на мечтите, другите се на чувствата и емоциите. Тука е и надежта, но нејзините стапалки се бледи. Кога тие се доближуваат до реалноста, сѐ повеќе и повеќе избледуваат. Што е реалноста?! Мечтите се сѐ уште тука во главата. Шетаат од срцето во душата и од душата во срцето. Разумот им е мал непријател, но кога ќе ги здогледа сите чисти желби, мечти полни среќа, навидум попушта. Не може да излезе на крај со нивната енергичност, со нивната желба за живот, љубов, среќа. Мечтите се тука, но се плашат да излезат надвор од телото и да ги зграпчат целите за да ги освојат. До мечтите се и чувствата. Тука се некаде, некаде толку блиску, а толку длабоко внатре. Не сакаат да бидат видени од светлото на денот. Се плашат. Се плашат дека луѓето нема да ги разберат. Мечтите и чувствата ја прават најубавата бајка, најубавите стапалки во снежната покривкa. Но, таа бајка во разумот го прави најголемиот страв во срцето. Духот вели едно, но реалноста друго. Не можат ли духот и телото да бидат ко едно божество – толку моќно, толку возвишено? Зошто душата не ни го сака тоа што го прави телото? Како може најубавата приказна во нашиот мозок толку да боли во реалноста? Надежта е со најголем страв. Се плаши дека ќе не’ разочара и дека нема да може да го сопре срцето. Таа претставува последната капка во чашата полна слатко вино, капка закотвена околу нејзиното дно. Колку и да се искачува кон целта, ете ја веќе се лизнала и паднала ко последна снегулка, апанзас ко апсурдноста Сизифова. Како може нешто толку слатко да биде толку многу горко?! Тоа што се создава во мозокот, не секогаш се создава во реалноста. Не секогаш чистотата во нашата глава е иста и во реалноста. Мечтите се бесплатни, желбите се бескрајни, среќата е неизмерна, па затоа бидете среќни и мечтајте. Иако надежта е венчана за најголемиот страв, сепак и нејзините бледи траги се гледаат во снегот во вашата глава. Не ја губете. Да, не се сите луѓе добри, не се сите како вас, како мене, како нас. Некои имаат повеќе себичност, љубомора и бесчуствителност во нивните срца отколку љубов, разбирање. Дојде многу брз начин на живот, кој го поминуваме со најголемо темпо, па да се потрудиме да не се изгубиме самите себе си во таа толпа на себичност.
Радио МОФ почна со рубриката #РаскажиМи, каде секој петок објавуваме по еден расказ на македонски јазик. Со рубриката целиме да промовираме домашни и странски автори кои пишуваат, односно се преведени на нашиот мајчин јазик. Истовремено, сакаме да придонесеме во популаризацијата на прозата на македонски јазик.
Сите заинтересирани за објавување на свој расказ во рубриката #РаскажиМи своите дела може да ни ги испратат на info@radiomof.mk, заедно со куса биографија. Нема услови за расказите, освен тие да бидат на македонски јазик.