На социјалните мрежи се прошири онлајн петиција која досега ја потпишале над 400 лица, а со која се бара од Општина Гостивар и Министерството за образование и наука оставка од директорот на основното училиште „Башкими“ каде учи четвртоодделенката Ембла Адеми.
Случајот со ученичката Ембла стана познат во јавноста откако група родители преку петиција ја бојкотираа наставата, бидејќи не сакаa нивните деца да бидат заедно во училница со Ембла која има Даунов синдром, под изговор дека таа било агресивна. Но, по реакциите на јавноста, Ембла повторно се врати во училница.
„Оставка, како појдовна точка кон иднина без дискриминација. Градоначалникот на Општина Гостивар јавно призна дека директорот на О.У ‘Братство’ погрешил. Хелсиншкиот комитет бара оставка од директорот. УНИЦЕФ констатираше дека се прекршени правата на Ембла за квалитетно и инклузивно образование“, се вели во петицијата.
Ембла се враќа во училиште откако вкоренетите предрасуди излегоа на виделина
Со реакција вчера се јави и Хелсиншкиот комитет за човекови права, според кои овој случај е најновиот пораз на општеството кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас. Тие најавија дека подготвуваат претставки и дописи до повеќе институции со кои бараат итно разрешување на директорот на училиштето.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) истовремено отвори постапка по службена должност за сегрегација на Ембла.
„Комисијата во понеделник ќе изври увид во училиштето, а веќе се остварени контакти со градоначалникот Таравари и директорот на училиштето. За исходот од постапката, јавноста ќе биде навремено и транспарентно информирана“, најавија од КСЗД.
Исто така, во текот на вчерашниот ден народниот правобранител формира предмет и испрати тим во основното училиште за да се испита случајот.
Според него, објавената сторија за Ембла покажува голема незрелост на општеството, кое, како што вели, ни оддалеку не е подготвено во пракса да ја имплементира домашната и меѓународната регулатива која се однесува на инклузивноста на овие лица во секојдневниот живот.
[Став] Родители и наставници, не се откажувајте од образованието на атипичните деца!